Се чини дека одбројувањето до времето кога на автомобилите нема да им бидат потребни возачи веќе започна, бидејќи уште еден производител најави дека ќе започне со производство на целосно автономен автомобил

Имено, американскиот General Motors најави дека производството на нивниот целосно автономен автомобил Cruise AV ќе започне следната година во фабриката Орион во Мичиген.

Американскиот производител овој автомобил ќе го изгради од нула и ќе биде дизајниран така што нема да има контроли за возачот, односно нема да има волан, педали и слично. Како прв чекор, GM во овој проект ќе инвестира над 100 милиони долари.

Претседателот на компанијата, Ден Аман, вели дека плановите на компанијата се движат во добра насока и ќе се материјализираат во текот на 2019 година.

Детали за возилото кое ќе се базира на платформата на Bolt EV се уште не се познати, но на приложената фотографија може да се види јасно дека патниците кои седат на предните седишта имаат директен пристап до контролата на климата и аудио системот преку физички команди.

Досега се конструирани 200 тест возила во наведената фабрика со помош на работници од фабриката Brownstown, кои се одговорни за конструкцијата на покривот, која поседува LiDAR, камери, сензори и друга опрема потребна за автономно возење.

Покрај ова возило, во фабриката Орион, ќе произведуваат и моделите Chevy Bolt EV и Sonic.