Formula 1: Перез со целиот плен по драмата во Баку / ФОТО+ВИДЕО
Прва победа на Серхио Перез со Red Bull, Верстапен и Хамилтон со празни раце
Во пресрет на трката се дозна за смртта на Мансур Ојхех, клучниот човек во поставувањето на темелите на McLaren, а со едноминутно молчење Formula 1 се прости и од неодамна починатиот поранешен претседател на FIA, Макс Мозли.
На стартот од трката сите беа внимателни и се помина во најдобар ред. Перез одлично се снајде и го пројде Гасли за четвртото место, а Норис загуби дури четири позиции. Леклерк иако стартуваше од првата позиција, јасно беше дека нема долго време да биде таму, од едноставна причина што Ferrari сè уште не може да одговори на конкуренцијата особено на долгите правци, па така Хамилтон веќе на крајот од вториот круг беше на челната позиција. Окон се повлече од трката на крајот од четвртиот круг, известувајќи го тимот дека болидот изгубил моќ.
Водечкото трио Хамилтон, Леклерк, Верстапен, продолжи да вози цврсто во рамки од две секунди. Перез беше близу, но не и внатре во ДРС зоната на Макс. На почетокот од седмиот круг Макс лесно го престигнува Леклерк за второ место, за веќе во следниот круг Монаќанецот уште полесно да биде минат и од вториот Red Bull управуван од Серхио Перез.
Во 10-от круг, Леклерк е во боксот, ставајќи ја најтешката компонента на гумата, за примерот да го следат и останатите. Норис по многу мака го мина Алонсо за 13-тото место. Саинц во 11-от круг не успева да закочи навреме и излегува од патеката, за успешно да се врати но само на 15-то место. Во истиот круг Хамилтон влегува во боксот за Макс да влезе круг подоцна но и да излезе пред Хамилтон. Во тие моменти водството трката ја предводеше Перез пред Себастијан Фетел во Aston Martin.
Набрзо и Перез влегува во бокс на замена на гумите, a благодарение на механичарите, Перез на патеката се враќа пред Хамилтон на 3-то место. Водечки во тој момент е Себастијан Фетел. Следуваше борба помеѓу Хамилтон и Перез за 3-то место, но како одминуваа круговите стануваше се појасно дека Mercedes не е оној истиот како порано и неможе да се справи со болидите на Red Bull. Макс полека го стигнуваше Фетел кој успеа на стартните гуми да издржи до 18-от круг кога мораше во боксот по нови гуми. Во тие моменти Строл сè уште не беше влегол во бокс.
На средината од поредокот, за деветото место се бореа Ботас и Норис, но како и во случајот на Хамилтон со Перез, Mercedes губи во средниот сектор за во последниот каде е во предност да има премногу заостанување и да неможе да се изведе престигнување. Саинц конечно го минува Џовинаци за 13-то место.
На почетокот на 30-от круг се издвои тројката која се бореше за 5то место: Пјер Гасли, Шарл Леклер и Себастијан Фетел. На Ленс Строл му пука гумата на стартно целната рамнина по што тој удира во заштитната ограда, а на патеката мораше да излезе безбедносното возило. Влезот во боксовите беше затворен на неколку кругови. По отворањето последните пет во поредокот веднаш влегоа на замена на гумите, но Мик Шумахер за жал имаше проблем и не успеа да се врати на патеката. Ленс Строл стигна до гаражата и се чинеше дека сè е во ред со него.
Безбедносното возило се повлече во 35-от круг. Фетел по рестартот на трката го мина Леклерк и го нападна Гасли за 4-то место што успешно го заврши на стартно-целната рамнина. Ferrari и понатаму мака мали да ги загрее своите гуми, па Леклерк заглави помеѓу возачите на AlphaTauri – Гасли и Цунода. Во меѓувреме, Хамилтон се обиде повторно да го нападне Перез, но Чеко Перез повторно успева да ја исконтролира ситуацијата. Во исто време Макс ги прави најбрзите кругови, а Ботас тотално тонеше во поредокот. Го престигнаа дури и двата болида на Alfa Romeo
Ландо Норис започна да му се заканува на Јуки Цунода за седмото место, кој полека го губеше темпото зад Леклерк. Сепак, Honda-та на Цунода лесно ја бранеше позицијата на рамните делови. Се чинеше дека Фетел може да му се закани на Хамилтон на третото место, бидејќи имаше седум кругови посвежи гуми, но до напад сепак не дојде.
На пет круга до крајот повторно проблеми. Лидерот во трката доживеа нешто слично како Ленс Строл – тежок судир во заштитната ограда на стартно-целната рамнина, а причината е пукање на задната гума. На патеката излегува возилото за безбедност, а набргу потоа се појави и црвено знаме. Болидите се наредија во боксот.
Во случајот со Макс стануваше збор за пукање на задната лева гума, исто како и кај Ленс Строл, па нормално се поставуваше прашање за за издржливоста на гумите. Од Red Bull до управата на трката пријавија дека немале никакви индикации дека гумата може да пукне и предложија црвено знаме за сите болиди да добијат нови гуми. Од боксот на McLaren пак го известуваат раководството на трката дека скоро никој од возачите не забавил на двојните жолти знамиња, а првенствено Цунода кој возеше пред Норис. Латифи доби казна од десет секунди застанување во бокс поради непочитување на правилата на трката (минување низ боксовите заедно со колоната).
По половина час прекин, часот трката го имаше својот повторен старт, од стартните позиции од два круга до крајот на трката. Водечкото стартно трио беше: Перез, Хамилтон и Фетел. Сите возачи секако ја ставија најмеката компонента на гуми.
Хамилтон стартуваше одлично и го имаше водството во свои раце, но направи грешка при сопирањето во првиот свиок, накратко излезе од патеката и се врати само како 16-ти на патеката. Фетел е одличен втор и секако Возач на денот! Следуваше борба помеѓу Гасли, Леклерк и Норис за третото место, но на крајот немаше никаква промена. Последното место на подиумот го пополни Пјер Гасли од AlphaTauri.
РЕЗУЛТАТИ
RACE HIGHLIGHTS
Следната трка се вози на 20-ти јуни за ГН на Франција