FIA ја објасни одлуката за казнување на Хамилтон

Раководството на трката издаде официјален документ по трката во кој се објаснува инцидентот помеѓу Хамилтон и Верстапен.

За време на прекинот на трката можевме да слушнеме притисок од двете страни врз директорот на трката, Мајкл Маси, но од самиот почеток беше јасно дека Хамилтон нема да остане неказнет.

„Судиите ги разгледаа видео доказите и телеметријата. Болидите 33 и 44 заедно влегоа во аголот 9, но болидот 33 беше малку пред болидот 44, кој беше одвнатре. Болидот 44 беше на линија на движење која не го допираше темето на кривината, така што имаше повеќе простор одвнатре. Кога болидот 33 се сврте во кривината, болидот 44 не го избегна контактот и неговото лево предно тркало удри во тркалото на болидот 33 одзади. Целата вина за инцидентот е на болидот 44″, стои во официјалното соопштение .

Хамилтон доби казна од десет секунди, што не го спречи да ја забележи 99-та победа во кариерата. Тој исто така доби два казнени поени на супер-лиценцата и моментално има вкупно 4 од дозволените 12.

Луис Хамилтон (Mercedes)

„Ова беше фантастично. Неверојатно тешка трка. Домашната публика е најдобра. Јас сум и многу благодарен. Мојот сон беше да го постигнам ова, но сето ова немаше да биде можно без нивната поддршка, но и поддршката од Ботас и тимот“.

„Се обидувам на сè да пристапувам доста зрело. На пример, Макс е многу агресивен. Бев до него и мислам дека оставив многу простор. Сепак, бев казнет за она што го направив и продолжив понатаму“, заврши Хамилтон.

Макс Верстапен (Red Bull)

„Драго ми е дека сум добро. Многу сум разочаран што на онаков начин сум исфрлен од трката. Казната која беше дадена не ни помага многу и на крајот на краиштата не е правична со оглед на ситуацијата. Прославата по трката во моментот кога бев во болница е неспортска и срамна, но мора да продолжиме“, напиша Верстапен на социјалните мрежи.

Чарлс Леклерк (Ferrari)

„Тешко е целосно да уживате во овој подиум. Трката беше неверојатна и дадов 200%, но тоа не беше доволно во последните два круга. Луис возеше одлично и беше одлично да се вози пред толку многу публика. Не очекувавме дека ќе се бориме за победа. По квалификациите, знаевме дека имаме конкурентен болид, но не го очекувавме ова. Со комбинацијата од средни и тврди гуми темпото беше неверојатно. На тврдата компонента малку затаивме во борбата со Mercedes, но и тоа беше над сите очекувања. Тимот работи одлично и јас сум многу горд на нив. Овој резултат секогаш ги развеселува луѓето и покажува дека ја правиме вистинската работа. Моравме да продолжиме вака и да дадеме се од себе“, изјави Леклерк.

Валтери Ботас (Mercedes)

„Денес, стартовите беа главната слабост во двата наврати и тоа ги комплицираше работите. Бевме заглавени зад Норис и моравме порано да одиме на промена на гума откако видовме дека тој има бавен пит стоп. Затоа немавме темпо на крајот од трката, но барем го прескокнавме него, а Луис продолжи да победува. Како тим, освоивме многу поени и за две недели ќе тргнуваме во нов лов“, изјави Ботас.

Ландо Норис (McLaren)

„Не можам да бидам задоволен. Четвртата и петтата позиција се добри за тимот. Имав добра трка сè до промената на гумите. Подолго време го имав Валтери зад мене, но оттогаш тие станаа многу побрзи од нас“, изјави Норис „И без подиум, ова беше убаво искуство за мене особенот пред мојата публика. Сепак, Чарлс и Карлос имаа добро темпо во однос на нас. За нас, ова беше ограничување на штетата. Имаме и позитивни работи, но Ferrari денес беше подобар“.

2021 British Grand Prix / Post-Race Reactions

2021 British Grand Prix / Post-Race Show