Иако сезоната сè уште не е започната, трансфер шпекулации има се повеќе

Макс Верстапен и Чарлс Леклерк ги продолжија договорите со своите тимови, а од друга страна, на Себастијан Фетел, Луис Хамилтон и Даниел Рикиарди веќе на крајот од 2020 година им истекуваат договорите. Сепак, во последните неколку недели се појавија многу шпекулации за тоа каде и како може да продолжи кариерата на германскиот возач од Хепенхајм.

Според Саша Роус, коментатор на германската Sky Sports телевизија, Ferrari намерно му дал на Фетел помала финансиска понуда, во која е вклученa и загубата на епитетот прв возач, за истата да биде отфрлена од Германецот.

„Тој доби многу помала понуда од Ferrari. Можеби тие сакаат да му дадат предлог кој тој нема да го прифати, а потоа сакаат на негово место да го доведат Карлос Саинз“, вели Роус, кој додава дека е логично Фетел да бара ангажман во McLaren. 

„Себастијан и Андреас Сеидл (техничкиот директор на McLaren) многу добро се познаваат бидејќи соработуваа во BMW. McLaren за следната сезона ќе добие мотори на Mercedes што воопшто не е лошо. Тоа може да биде добра почетна точка за Фетел, подобра отколку да остане во Ferrari како втор возач“.