Formula 1: денес се вози јубилејното 70-то ГП на Велика Британија
Хамилтон „брка“ рекордна шеста домашна победа
По трката за Големата награда на Австрија, несомнено највозбудливата трка во оваа сезона и трката која донесе прекин на победничката низа на Mercedes, во светот на Formula 1 се врти кон легендарна локација – патеката Силверстоун патеката на која денес се вози јубилејното 70-то гран при.
Во пресрет на викендот во Силверстоун беа објавени два важни вести. Прво, McLaren официјално ja потврди возачката постава за 2020 година, и второ, решени беа сите сомнежи за иднината на Големата награда на Велика Британија.
Во изминатите десет дена светските медиуми почнаа со различни шпекулации за возачките екипи за следната сезона, но она што единствено е официјално потврдено е дека Карлос Саинц и Ландо Норис ќе бидат возачите на McLaren и за 2020 година. Сосема логично и разбирливо, со оглед на одлично одработениот прв дел од сезоната, а тимот од Вокинг со овој потег добива стабилност и мир за продолжување на оваа и што подобра подготовка за следната година.
Откако FIA најави нови трки во календарот за 2020 година, Големите награди на Виетнам и Холандија, со додавање дека бројот на трките нема да се зголемува, беше сосема јасно дека некои трки од оваа сезона нема да најдат место во календарот за следата. Сега и дефинитивно, Големата награда на Велика Британија нема да биде една од нив. Светската автомобилска федерација и организаторите на трката во Силверстоун постигнаа договор и официјално е потврден новиот петгодишен договор. Одлука која ги задоволува возачите, бидејќи сите зборуваа во корист на Силверстоун, но и публиката која сака да ги следи трките на оваа култна патека.
А Силверстоун е навистина една од легендарните патеки, една од најпознатите. Во историјата на Formula 1, таа засекогаш ќе остане запишана како патека на која на 13 мај 1950 година е одржана првата трка во Светскиот шампионат. Оттогаш големата награда на Велика Британија без прекин е дел од Formula 1. Со ова може да се пофали само уште ГН на Италија.
Низ историјата, Големата награда на Велика Британија се возела само на три патеки – Силверстоун, Аинтри и Брендс Хеч. На патеката Ајнтри се возело пет пати, помеѓу 1955 и 1962 година, додека Брендс Хатч бил домаќин на трка секоја парна година од 1964 до 1986 година. Сепак, Силверстоун е домаќин на најмногу трки. Оваа година ќе биде 53-та на оваа патека, а од 1987 до денес сите трки се возат на Силверстоун.
Конструктор со најмногу победи на островот е Ferrari, 16, следен од McLaren со 14, Williams со десет, Lotus со десет и Mercedes со шест победи, од кои пет се помеѓу 2013 и 2017 година
Што се однесува до возачите, тројца имаат по пет победи, а двајца се Британци. Првиот е Џим Кларк со Lotus има низа од четири победи помеѓу 1962-1965, а потоа уште една во 1967 година. Следи Луис Хамилтон, кој во првата победа ја има во 2008 година со McLaren, а потоа четири пати по ред со Mercedes во периодот 2014-2017 година. Третиот возач е Алан Прост, кој има пет победи во текот на периодот 1983-1993, со дури четири различни болиди – Renault, два пати со McLaren, и потоа со Ferrari и Williams.
Од денешните активни возачи, покрај Хамилтон, само двајца може да се пофалат со победа на Британското ГП. Кими Раиконен со Ferrari во 2007 година, а Себастијан Фетел има две победи со различни тимови – со Red Bull во 2009 година и минатата година со Ferrari.
Патеката е позната како многу тешка за гумите, а Pirelli редовно ги носи трите најтврди компоненти, а истата практика се применува и оваа година, така што возачите на располагање имаат C1 компонента како најмоќна, C2 како средна и C3 како најмека.
Она што ги комплицира работите пред Британското ГП оваа година е фактот дека Силверстоун по втор пат доби нов слој на асфалт за две години. Минатата година имаше големи проблеми со задржување на водата на патеката, па новиот асфалт дефинитивно ќе биде предизвик за возачите на Formula 1 и ќе игра важна одлука при сетирањето на болидот.
Со оглед на временските услови во цела Европа, останува да видиме да уште еднаш ќе имаме дождлива трка со многу вода на патеката.
Трката започнува во 15.10 по македонско време, а од првиот стартен ред ќе започне двоецот на Mercedes, Валтери Ботас и Луис Хамилтон, кој за само шест десетинки не успеа да постави најдобро време на домашен терен. Од вториот ред ќе стартуваат Чарлс Леклерк од Ferrari и Верстапен од Red Bull. Стартна постава која ветува возбуда уште на почетокот.