Ова е мислењето на холандскиот пилот и коментатор Том Коронел

Себастијан Фетел е „едноставно скршен“ и најверојатно ќе биде жртва на новата генерација во Formula 1, предводена од неговиот тимски колега Шарл Леклер. Ова е мислењето на познатиот холандски рели шампион и Formula 1 коментатор Том Коронел. Тој се сомнева дека четирикратниот светски шампион ќе успее да се соземе по поразот во 2018.

Минатата сезона Ferrari за првпат го достигна нивото на Mercedes и извесно беше дека во одреден дел од сезоната е дури и побрз. Само тимските грешки, но и на Фетел, беа причина Scuderia повторно да се „сопне“, а Луис Хамилтон тоа знаеше да го искористи на најдобар начин. Според Коронел, нервозата кај Фетел продолжува да расте, а во новата сезона ќе му недостасува и поддршката од Кими Раиконен.

„Започнува период во кој доаѓа една нова генерација“, вели Коронел. „Фетел повторно загуби во шампионатот и едноставно е скршен поради тоа. Сигурен сум дека тој нема да успее да го надмине ова, а се надевам дека Ferrari на двајцата пилоти ќе им пружи еднакви услови за тркање“.

„Она што Леклер го покажа во текот на минатата сезона беше апсолутна класа, дури и редовно освојуваше бодови. Се разбира, Sauber користеше мотори на Ferrari, а Шарл знаеше да ја искористи оваа предност“, дополнува Коронел.