Сопствениците на електрични возила шокирани од однесувањето на нивните електрични „миленици“ при температури далеку под нулата

Поларната зима која погоди дел од САД минатата недела, откри голем број недостатоци на најпопуларните електрични возила, пишува изданието Mashable. Стотици сопственици на Tesla и Chevrolet Bolt се пожалиле дека нивните автомобили не се погодни за ниски температури.

Сите знаат дека електричните автомобили едноставно не се поднесуваат со студот, но нешто сосема друго е тоа и самиот да го видиш со свои очи, наведува изданието, споделувајќи повеќе твитови од незадоволни клиенти. Еден од нив споделил слика на инструмент таблата на целосно наполнет Model X 100D – автомобил кој чини 150.000 долари – кој при температура од минус 30 степени, наместо стандардна автономија од околу 470 километри, поминува едвај 190 километри.

Друг сопственик на Tesla Моdel 3 ја обвинува компанијата дека не го тестирала возилото во екстремни зимски услови и покрај широко распространетите спектакуларни рекламни клипови. Во неговиот случај, дури и по 30 минути загревање на возилото од дистанца, рачките на вратите останале замрзнати и во автомобилот не можело да се влезе.

Друга сопственичка на истиот модел се пожалила дека и при вклучено греење на максимум, температурата во внатрешноста на автомобилот достигнувала едвај 12 степени по скалата на Фаренхајт, односно минус 11 целзиусови степени.

Во својот типичен стил, Илон Маск ветува „значајни“ подобрувања за услови на студено време со … ново ажурирање на софтверот. Но, тоа нема да биде подготвено до крајот на влијанието на поларниот вортекс врз американскиот Среден Запад.