Тимот на Ferrari верува дека ќе можат да го стигнат водечкиот Mercedes оној момент кога ќе го „откријат целосниот потенцијал“ на нивниот SF90.

Иако можеби се очекуваше дека Ferrari ќе го запоседне врвот оваа сезона, Mercedes благодарение на трите последователни еден-два победи имаше најдобар конструкторски старт уште од сезоната во 1992 година. Главниот проблем за Scuderia е недостатокот на брзина низ свиоците, што дури ни голема предност на рамните правци не може да го компензира.

„Ги знаеме границите на нашиот болид и на некои патеки овие граници ќе бидат поголем проблем од другите“, вели Матсиа Биното.

Следната трка од календарот е ГН на Азербејџан, а лидерот во шампионатот кај возачите, Луис Хамилтон, верува дека Ferrari е главен фаворит за победата.

„Мислам дека имаме добар болид, но моментално не го користиме целиот потенцијал што го нуди”, вели Себастијан Фетел. „Ние учиме многу повеќе од претходните години за нашите недостатоци. Се надеваме дека наскоро ќе ги најдеме слабостите што нè попречуваат“.

Фетел сепак признава дека во моментов не се на нивото на Mercedes.

„Можеме да бидеме многу задоволни со моторот. Навистина е моќен. Генерално, мислам дека се е во ред со нашиот болид. Работата е во тоа што сеуште не сме го подесиле како што треба, а со тоа и не ја користиме брзината која се крие во него. Знаеме дека брзината е тука некаде тука, но во овој момент тешко е да се открие каде е навистина, па затоа не можеме да бидеме вистински конкурент на Mercedes“.

Во првите три трки, Ferrari го фаворизираше Фетел пред Чарлс Леклерк во неколку наврати, што предизвика многу полемики и помеѓу фановите и во падокот.

„Главниот приоритет е да се најде темпото во болидот“, повторно вели Биното. „Сигурен сум дека кога ќе ја најдеме брзината ќе се реши и овој проблем“.

Следната трка ќе биде од клучно значење за Ferrari.

„Секоја од досегашните патеки беше значително различна според конфигурацијата. Мислам дека свативме што треба да направиме за да бидеме подготвени за претстојните трки. Австралија беше исклучок, во Бахреин и Кина имавме разлика од една до неколку десетинки. Тоа е нормално за болиди со слични перформанси. Целта е да се развие подобар болид кој ќе биде брз на сите патеки“, заклучува Бинот.