По изрекувањето на казната за користење и „копирање“ на воздушните отвори од Mercedes за предните и задните сопирачки, со која екипата на Racing Point е казнета со одземање на 15 поени и глоба од 400.000 евра, некои екипи по прочитување на одлуката на судиите напишана на 14 страни најавија жалба до FIA

Според правилата, секој тим има можност да „најави“ дека ќе поднесе жалба на одлука во рок од еден час од донесувањето на таа одлука, но заради сложеноста на овој случај, тој рок е продолжен до 24 часа.

Така, прво Ferrari најави дека ќе поднесе жалба, а многу бргу потоа истото го потврдија и од McLaren и Renault, кои всушност и ја започнаа таа приказна откако на сите трки досега, освен на првата за ГН на Австрија, вложија протест против за болидот RP20.

Се очекува дека и Racing Point ќе ја обжали одлуката, но во насока на намалување или укинување на казната, а не би било чудно и некои други екипи да им се придружат на веќе споменатите тимови со надеж дека казната ќе биде зголемена и построга.