Шпанскиот возач во Formula 1 и поранешен двоен светски шампион, 37-годишниот Фернандо Алонсо, објави дека ова е последна сезона во неговата кариера

„По 17 прекрасни години во овој прекрасен спорт време е за промена. Уште пред неколку месеци цврсто бев решен да го направам тоа. Пред мене се уште неколку трки од оваа сезона, а во нив ќе настапам со посветеност и со повеќе страст од било кога“, вели Алонсо.

Сегашниот возач на McLaren својата кариера ја започна со Австралиското ГП во 2001 година во екипата на Minardi, а светски шампион стана во 2005 година како возач на Renault. Една година подоцна тој одбрани титулата.

Алонсо во Formula 1 има 32 победи, а на подиумот се искачил 97 пати. Последен пат помеѓу најбрзите тројца возачи беше во 2014 година, кога како возач на Ferrari го освои второто место на трката за Големата награда на Унгарија. Една година подоцна Алонсо се пресели во McLaren со кого никогаш не беше подобар од петото место.

Оваа сезона во досегашните 12 настапи поени освои на 8 трки, а двапати не успеа да ја заврши трката. Најдобриот резултат оваа година за него беше петото место на отворањето на сезоната во Мелбурн. Со 44 поени, во моментов е на деветтото место во генералниот пласман, а до крајот на сезоната има уште десет трки.

Освен двете светски титули во 2005 и 2006 година, Алонсо уште трипати досега сезоната ја завршувал како вицешамион, а еднаш како трет.