Традиционално, во предвечерието на Салонот за автомобили во Женева се одржува финалето од Изборот за Европски автомобил на годината. Победата оваа година ја освои електричниот кросовер Jaguar I-Pace

Ова не само што е прва победа во рамките на изборот за Јaguar, туку и за прв пат е еден Jaguar да се најде меѓу првата четворка во финалниот пласман (пред три години Jaguar XE заврши на петтото место). Ова не е прва титула за возило од сегментот EV, затоа што во 2011 година престижната титула ја освои електричниот Nissan Leaf.

Жирито се состои од 60 новинари од 23 европски земји. Според условите на изборот Car of the Year учество може да земат само сосема нови генерации на модели или барем да се темелно рестилизирани, во периодот од 12 месеци пред датумот на прогласувањето на победникот.

Во почетната фаза на евалуација, во изборот беа 38 модели, а во завршниот дел од изборот, секој член на жирито на финалистите им ги распределува своите 25 поени, според своја проценка. Ниту еден од моделите не може да добие повеќе од 10 поени, а најмалку пет од нив мора да бидат оценети.

Битката за првото место оваа година дефинитивно била неизвесна, бидејќи спортскиот автомобил со средно поставен мотор, Alpine A110, доби ист број на поени како и победникот односно 250. Токму поради тоа организаторот морал да овозможи таканаречена „масторка“ односно пребројување на првите места на поединечните листи направени од сите новинари – членови на жирито.

На таа листа 18 пати победник е електричниот кросовер, додека Alpine A110 бил фаворит само кај 16 членови на жирито.

На трето место според бројот на поени од новинарите е Kia Rio (247 поени), по што следaт Ford Focus (235 поени), Citroen C5 Aircross (210 поени), Peugeot 508 (192 поени) и Mercedes-Benz А-класа (116 поени).