ЕУ финансира проект за развој на е-мобил со домет од 1000 km / ВИДЕО
Неколку компании кои се дел од автомобилската индустрија ги здружуваат своите ресурси во тригодишен проект, финансиран од Европската унија, за да изградат два прототип примероци на чисто електрични автомобили, со можност за автономија со едно полнење на батерискиот пакет, од над илјада километри
Проектот финансиран од Европската Унија, наречен EVC1000, започна овој месец, а околу идејата се собрани десет компании. Новоформираната алијанса, ќе се фокусира на развојот на сет на компоненти кои се потребни за производство на овој тип на возило, а се очекува електричните мотори да бидат веднаш до тркалата на автомобилот.
Прелиминарните информации сугерираат на тоа дека здружените компании имаат намера да изградат SUV модел кој ќе го красат досега невидени перформанси. Покрај тоа, самата структура на возилото, која вклучува високо тло, како и интегрирани електрични мотори, трансмисија и контролни модули во тркалата, би требало да обезбеди вонсериска удобност на патниците или многу простор, кој ќе биде искористен и за сместување на батериите.
Со други зборови, се отвора можност за сместување на повеќе батериски пакувања, што пак значи извонредна автономија, заедно со идејата за користење на брзи полначи кои ќе овозможат нивно полнење за само 90 минути.
Проектот е дел од програмата Horizon 2020, финансирана од Европската Унија, како дел од напорите за обезбедување на конкурентност на европската индустрија. Описното име на EVC1000 е „Компоненти за електрични автомобили за секојдневно патување до 1.000 километри“, а доделените средства се во износ од 6,8 милиони евра, за период од три години.
Ова се компаниите кои ќе работат на проектот: Audi, JAC (кинескиот партнер на Seat), AVL, Brembo, ELAPHE од Словенија, Fraunhofer, Ideas & Motion, Tenneco и Техничкиот универзитет Лименау од Германија, како и Универзитетот Суреј, Велика Британија.
Проектот ќе биде завршен во 2021 година, а тогаш се очекуваат два прототипа, со подобрена ефикасност и феноменална автономија. Еден од нив ќе биде базиран на моделот Audi e-tron додека другиот ќе биде базиран на кинескиот JAC iEV6S.
Иновациите и унапредената ефикасност првенствено ќе се гледаат во електронскиот систем за сопирање, големиот капацитет за обновување на енергијата, оптимизиран ABS систем, поефикасни електрични мотори и двојни инвертори базирани на карбон-силикон технологија.