Електричната Dacia во Франција ќе чини од 16.990 евра
Dacia Spring наскоро ќе пристигне на пазарот, а некои француски медиуми веќе ја објавија цената за овој, како што се наведува, ценовно најприфатлив европски електричен автомобил.
Dacia Spring со Comfort пакет на опрема (меѓу другото, има и мануелен клима уред) во Франција ќе чини 16.990 евра, или 12.403 евра со вклучени субвенции. За споредба, електричниот Renault Twingo во Франција чини 21.350 евра, или 15.586 евра со субвенции.
Во понуда ќе биде вклучен и Spring Comfort Plus, со 7.0-инчен екран на допир и металик боја, по цена од 18.490 евра, или 13.498 евра со субвенции.
Како и да е, Dacia Spring има електромотор со 33 kW / 45 КС и 125 Nm, максималната брзина е ограничена на 125 km/h, додека автономијата со едно полнење на батеријата од 26,8 kWh е 225 km (комбиниран циклус) WLTP циклус и 295 km (градско возење ) WLTP циклус.
Полнењето до 100% на батеријата на домашен приклучок од 220V ќе трае помалку од 14 часа, додека со помош на Wallbox од 7,4 kW, тоа време се намалува на помалку од 5 часа. Исто така, 80% од капацитетот на батеријата на 30 kW DC полнач ќе трае помалку од еден час.
Возачот ќе го има на располагање и режимот Eco со кој опсегот се продолжува за околу 10% бидејќи моќноста на моторот се намалува на 23 kW / 31 КС, а максималната брзина е ограничена на 100 km/h.
Во однос на димензиите, Dacia Spring е долга 3.734 mm, широка 1.770 mm, висока 1.516 mm и со меѓуоскино растојание од 2.423 mm. Волуменот на багажникот е 300 литри или околу 600 литри со преклопени задни седишта.