Hola! за новиот Leon

Целaта низа на новитети меѓу компактите кои пристигнаа во последно време го направија овој сегмент многу побогат и попривлечен. Факт е дека овие автомобили најдобро му пркосат на SUV трендот, а сега се и екстремно напредни, пространи и привлечни со новите генерации. Повеќето купувачи во овој сегмент веројатно ќе го насочат погледот кон традиционалниот бестселер VW Golf, а оние кои сакаат повеќе кон премиум модели како што се Audi A3, Mercedes A-Class или BMW 1-Series. За тие кои бараат модерна технологија и пријатен стил, одлична понуда е новиот Seat Leon.

Кога Seat, шпанскиот производител на автомобили од групацијата Volkswagen, кон крајот на јануари минатата година му ја покажа на светот четвртата генерација на својот најпродаван модел Leon, продажните бројки на претходните три генерации од 2,2 милиони единици веќе зборуваа сами за себе.

Четвртата генерација на Leon е првиот целосно поврзан автомобил на Seat и нивниот најиновативен производ досега, а бројката од над 1,1 милијарда евра инвестирани во новиот Leon, главно во развој на возилото и подобрување на производствените капацитети, и не можеше да заврши поинаку од посмел, похрабар, поспортски, на крајот и посериозен компакт од претходната генерација.

Секако, ова е исто така добра причина да се посвети малку повеќе време на најновиот Leon, а во нашиот случај станува збор за верзијата Seat Leon FR 1.5 eTSI 150 DSG. Најопременото издание со прилично моќен и економичен милдхибриден бензинец и брз DSG менувач ги споделува главните корпоративни технолошки стандарди со новиот Golf, но има и свои уникатни карактеристики. Ако некогаш сте се запрашале што значи оваа ознака „FR“, што исто така го означува најспортското ниво на опременост на моделите на Seat, тогаш треба да се каже дека ова се иницијалите на „Formula Racing“.

За многумина поубав од новиот Golf

Рака на срце во живо автомобилот изгледа навистина добро, остава впечаток на голем и сериозен компакт, а етикетата на шпански „Голф“ делува поубедливо од кога било досега.

Leon ја користи истата техничка платформа како и VW Golf од осмата генерација, но визуелно двата модели значително се разликуваат – или со други зборови, компактниот Seat, барем според нас, е поубавата верзија на автомобилот од Волфсбург. „Шпанецот“ изгледа дури и поагресивно од неговиот претходник. Острите фарови и големите доводи за воздух во предниот браник придонесуваат за исклучително динамичен изглед. На задната страна, LED светлата се протегаат по целата ширина на телото, а здив од шпански дух обезбедува холограмот на познатиот поздрав Hоlа! (здраво), видлив ноќе на земја, веднаш до влезната врата. Навистина убаво делува и името Leon испишано со ракописни букви на задниот дел. На крајот на краиштата, дизајнерската промена од претходната генерација е далеку поинтензивна отколку во случајот со Golf 8 во однос на седмицата. Во секој случај, главниот дизајнер на автомобилот, Алехандро Месонеро-Романос завршил добра работа – сепак Seat треба да се бори со сериозна конкуренција во компактната класа.

Според надворешните димензии, новиот Leon е долг 4.368 mm (девет сантиметри повеќе од Golf и еден од најголемите во својата класа), што е зголемување за 86 mm во хечбек верзијата со пет врати во споредба со претходната генерација, или +93 mm во варијантата караван. Со висина од 1.456 mm и ширина од 1.800 mm (1.991 mm со ретровизори), Leon е малку понизок (-3 mm) и потесен (-16 mm) од претходниот модел. Меѓуоскиното растојание сега е подолго за 50 mm за обете варијанти на каросеријата и изнесува 2.686 mm, со што се додава повеќе простор за патниците на задната клупа. Капацитетот на багажникот од 380 литри останува ист во хечбекот, додека товарниот простор на караванот е зголемен за 30 литри или 617 литри. Во нашата хечбек верзија, со преклопување на задните седишта се добива волумен од 1.301 литар. Кога станува збор за аеродинамиката, новиот Leon го намалил коефициент на отпор за околу 8 проценти.

Впечаток на функционалност, минимализам и отменост во салонот

Во внатрешноста, комплетно новиот дизајн на Leon ја продолжува својата еволутивна тема, но онаа која ги става возачот и другите патници во центарот на стратегијата. Сосема новиот ентериер дава впечаток на функционалност, минимализам и отменост од моментот кога ќе седнете во кабината.

Сè во кабината е дизајнирано да биде ергономски прецизно, зголемувајќи ја удобноста на патниците. Без разлика дали седите на возачкото седиште или останатите места, кабината е развиена така што патниците лесно можат да се вклопат во нејзините форми, давајќи им чувство на сигурност и пространост. Во крајна линија, внатрешноста на Leon изгледа подолго и пошироко отколку што сугерираат бројките на хартија, а со растот на должината за 8,5 cm и меѓуоскиното растојание на продолжената платформа MQB Evo платформа за 5 cm (2,69 метри), конечно има многу простор за колената на задните седишта. Удобноста при возење има поизразен семеен карактер, без изоставување на добро познатата карактеристика на одлична седечка позиција зад кожниот спортски волан на нешто пониско поставените седишта со поизразени страници. Во новиот Leon едноставно се седи и патува како во седан од Д-сегментот. Исто така, сега со тризонскиот Climatronic, кој за прв пат е достапен во Leon, ниту патниците назад не се ускратени од можноста да си ја постават идеалната температура.

Покрај спортските седишта, кои се дел од опремата FR и се цврста потпора во свиоците, а многу пријатни за време на долгите возења, во предниот дел во ентериерот доминира минимализмот, веќе виден во новиот Golf. Тоа значи мал број физички прекинувачи, дискретен селектор наместо рачка за DSG менувачот, и два големи екрани со висока резолуција, едниот пред возачот и другиот на горниот дел од централната конзола – и двата со големина од десет инчи. Прецизно кажано, во срцето на Leon е Seat Digital Cockpit, кој ги обединува инструментите и составот за забава со висока резолуција од 10,25 инчи кој возачот може да го дефинира според своите потреби. Стандардниот медиумски систем има 8,25-инчен екран компатибилен со паметен телефон, додека во нашиот тест модел, беше опционалниот, поголем 10-инчен Navi (Navigation System Plus) екран.

Впечаток остава прилично силниот техно амбиент, иако големата желба за напредок и „фаќање“ на трендовите можеби е претерана. На пример, прилагодувањето на интензитетот на струење на вентилација се врши со допирање на минијатурна икона на екранот, со што се отвораат контролните опции. Покрај тоа, главниот интерфејс е преполн со (премногу) мали икони и многу подменија, кои исто така, не помагаат во брза навигација, барем додека не се стекнете со потребната рутина.

Се на се, опремата на тестниот FR модел со акцент на поспортска атмосфера и комплетен пакет за безбедност и мултимедија, како и поскапи материјали и перформанси, е приказна сама по себе: пластичните и текстилните површини се пријатни на допир, декорациите спортски, солидна изработка според Volkswagen стандарди. Предност се и големиот број на достапни прегради.

Препознатлива формула за Formula Racing

Seat не ги напушти дизел моторите кои, и покрај еко-хистеријата, остануваат важен сегмент од понудата, но акцентот е ставен на бензинските TSI турбо мотори надградени со милхибриден систем, како што е случај со моторизацијата во нашиот тест примерок. Лесната електрификација засега го опфатила 4-цилиндерскиот 1.5-литарски еTSI турбо бензински агрегат со 150 коњски сили спарен со менувач DSG, лесна 48-волтна електро хибридна технологија и мала литиум-јонска батерија под совозачкото седиште.

Овој 1.5-литарскиот турбо бензински мотор е веројатно најдобрата моторизација за Leon. Со своите 150 КС и 250 Nm вртежен момент, повлекува спонтано, има континуирани забрзувања, а спринтот до стотка (8,4 секунди) како и максималната брзина од 220 km/h зборуваат многу за солидниот темперамент со многу моќ. Сето ова со потрошувачка од 6,7-8,4 литри (како и кај сите турбобензинци, така и овде потрошувачката значително зависи од возачкиот ритам). Овде помага системот за исклучување на два од цилиндрите во режим на парцијално оптоварување.

Со остриот, но во никој случај не и експлозивен карактер на моторот се вклопува и квалитетното подвозје, назад со мултилинк (моторите под 150 коњски сили имаат полукрута суспензија), но и седумстепениот менувач DSG, кој во дел од секунда ги симнува брзините надоле или ги подига нагоре (на кој кога ќе се привикнете, повеќе нема да ви текне на рачен менувач). Спортскиот профил на работа со побрза реакција на педалата за гас и поцврста работа на воланот и суспензијата или употребата на поставки од индивидуалната програма со лични поставки за прилагодливата суспензија, поцелосно го извлекуваат капацитетот на моторот и подвозјето и го подобруваат и онака големото, скоро спортско задоволство од брзото и безбедно вртење во свиоци, со добра избалансираност на управувачот. Се на се, со својата стандардна спортска суспензија Leon FR 1.5 TSI вози цврсто и рафинирано, а впивањето на нерамнините на патот не ја нарушуваат удобноста на патувањето.

Start/stop системот во град работи одлично. Брзо, тивко и мазно, без многу неодлучност. Од друга страна, дозирањето на оптимална сила на педалот на сопирачката при бавно возење не е секогаш лесно да се погоди. Но, нели се е до прилагодување и стекнување на рутина.

Опрема и безбедност

FR е најдобро опремена верзија на Leon, па затоа и не е изненадувачки долгиот список на стандардна (eлектрична паркирна кочница, aсистент за задржување на лента на возење – Lane Assist, адаптибилен темпомат, дигитална инструмент табла, систем за контрола на пролизгување – ASR, автоматски клима уред Climatronic, отклучување/заклучување и стартување на моторот без клуч…) и опционална опрема (Park аѕѕiѕt: помош за паралелно паркирање со предни и задни паркинг сензори, Seat Full Link (Мirror Link+Apple Car+Android Auto), сензор за светлост, сензор за дожд, внатрешен ретровизор со затемнување – автоматски Coming & Leaving Home, алу фелни 18” Performance, зимски пакет (греење на предни седишта), Full LED технологија (LED предни фарови, LED дневни светла, LED задни стоп светла, LED светло за регистерска таблица).

Цената на тест моделот, веројатно нема да предизвика премногу ентузијазам кај некои од потенцијалните купувачи (акциска 25.500 евра), но само до оној момент додека не се направи споредба барем со понудата за бестселерот од Волсбург. Она што нам ни се допаѓа е фактот дека новиот Leon e дефинитивно еден од најатрактивните и најзабавните автомобили во својот сегмент.

Технички податоци за  Seat Leon FR 1.5 eTSI 150 DSG

  • мотор: Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
  • работна зафатнина: 498 см3
  • пречник и од: 74,50 x 85,90 mm
  • степен на компресија: 10,5:1
  • напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
  • максимална моќ: 150 KС (110 kW) при 5.000-6.000 min/-1
  • макс. вртежен момент: 250 Nm при 1.500-3.500 min-1
  • трансмисија: на предни тркала преку 7 степен (DSG) автоматски менувач
  • потпирање: напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
  • сопирачки: напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
  • пневматици: 225/40 R18
  • каросерија: хечбек со пет врати, пет седишта
  • должина х ширина х висина: 368 x 1.800 x 1.442 mm
  • меѓуоскино растојание:684 mm
  • траги (напред/назад ):545./1.516 mm
  • тежина: 360 kg
  • максимална тежина:890 kg
  • багажник: 380 l
  • резервоар: 50 l
  • максимална брзина: 216 km/h
  • забрзување: 0-100 km/h – 8,4 секунди
  • потрошувачка (отворен пат/град/просек): 4,1/6,0/4,8 l/100 km
  • емисија на CO2: 109 g/km

Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 26 266 или на www.seat.mk.