Јужнокорејскиот производител на автомобили Kia официјално го претстави својот нов електричен SUV наречен EV9

Електричните кросовери се сè попопуларни, но повеќето од нив имаат една заедничка карактеристика, два реда седишта. Иако има неколку исклучоци, вклучувајќи ги Rivian R1S и Tesla Model X, електричните автомобили со три реда седишта се ретки и релативно скапи. Меѓу нив сега се вбројува и целосно новиот електричен SUV EV9.

EV9 станува предводник во гамата на јужнокорејската марка, беше најавен со концепт во 2021 година, а серискиот модел е доста верен на оригиналот. Се одликува со храбар, врвен изглед кој ја прифаќа дизајнерската филозофија Opposites United и потсетува на електричниот Telluride.

Предниот дел изгледа спортски благодарение на „дигиталното тигар лице“ со вертикални светла и LED дневни светла, извајана хауба, „лажна“ заштитна плоча и поширок долен отвор за воздух.

Профилот на EV9 е веројатно и неговиот најдобар агол поради атрактивната комбинација на „нежни облини“ и остри линии. „Острите“ браници и лакови на тркалата веднаш привлекуваат внимание, но потоа се и забележуваат помалите детали како рачките на вратите, затемнетите столбови и „лебдечкиот“ покрив.

EV9 добил бандажи со четири краци кои имаат аеродинамичен дизајн, како и двобоен изглед. Дизајнерите му дале на кросоверот динамична појасна лента, која се издигнува над Ц-столбот, а тука се и хромираните лајсни.

Впечатливиот дизајн продолжува со задните светла и големиот спојлер, а подолу има сјајно црна облога што е во контраст со сребрениот браник дизајниран да личи на заштита на подвозјето.

Иако во фокусот е третиот ред на седишта, тој сепак е „срамежливо“ прикажан на фотографиите. Од Kia велат дека EV9 ќе се нуди во конфигурации со шест и седум седишта, кои ќе понудат многу простор и удобност за сите патници.

Седиштата во вториот ред можат да се свртат за 180 степени, па патниците да можат да комуницираат со оние што седат во третиот ред. Држачите за чаши и приклучоците за полнење се достапни за патниците во третиот ред на седишта.

EV9 е опремен со „лебдечка панорамска контролна табла“ која има широк екран составен од комбинација од 12,3-инчна дигитална инструмент табла, 12,3-инчен инфозабавен систем и 5-инчен екран кој „го подобрува дигиталното искуство“. На малиот екран нема детали, но се чини дека е посветен на контролите на климатизацијата. Под него има ред „дигитални копчиња“ за инфозабавниот систем, а има и минималистички контроли за клима и јачина на звук.

EV9 е опремен и со амбиентално осветлување, карактеристична централна конзола и двобоен внатрешен дизајн. Тука се металните украси, како и решетките за звучниците со геометриска шема.

Моделот е базиран на платформата E-GMP, а може да се очекува досег до 480 километри. Производството треба да започне наесен. Што се однесува до цената, се шпекулира дека EV9 чини помеѓу 56.000 и 70.000 долари. Сепак, официјалните податоци ќе бидат објавени на крајот на овој месец.

Kia EV9 ќе се продава и во Европа.