Дали McLaren може да стигне до водечките тимови? Алонсо вели ДА!
Претстојните подобрувања и креативни идеи, тоа е она што го наведува Фернандо Алонсо како голема предност на McLaren Renault, во обидот да се стигнат Mercedes, Ferrari и Red Bull
По освоеното петто место во првата трка од сезоната, Шпанецот е оптимист за остатокот од сезоната. Како потсетување, во текот на тригодишната соработка со Honda, најдобриот резултат на Алонсо беше токму петтото место. Сега, заедно со деветтата позиција на Вандорн, McLaren има 12 поени и е на четвртото место во рангирањето на конструкторите. Притоа треба да се додаде дека Алонсо пред трката во Австралија изјави дека таа патека е онаа која најмалку им одговара и дека очекува најлош резултат во сезоната.
„Гледаме потенцијал во болидот за оваа година и разбираме дека имаме навистина добра машина во рацете“, вели Шпанецот и додава: „Сега е време McLaren да се врати на водечките позиции, а за да се случи тоа ќе мора да се натпреварувате против најдобрите тимови во светот: Red Bull, Ferrari i Mercedes.
За да бидеме на тоа ниво, мора да бидеме подобри од нив (во смисол на развојот на болидот во текот на годината), односно да го намалиме заостанувањето што е можно поскоро. Тоа треба да се случи со новите подобрувања и креативни идеи. Сигурен сум дека ќе ги применуваме брзо“.
McLaren во Австралија стигна само со дел од надградбите. Се претпоставува дека добар дел ќе биде додаден во болидот пред трката во Бахреин. Тркачкиот директор на McLaren, Ерик Булие, заедно со Алонсо е оптимист за иднината и е многу охрабрен од брзината која Red Bull (кој исто така го користи мотори на Renault) ја покажа во Австралија.
„Охрабрувачки е да се види дека Red Bull им парира на Mercedes и Ferrari кога станува збор за темпото на трката“, вели Булие. „Постои јасна разлика помеѓу темпото во квалификациите и темпото во трката. Нашето темпо во трката е подобро отколку во квалификациите.
Имаме многу потенцијал и брзина која можеме и треба да ја отклучиме. Фернандо знае што е следно, што имаме на располагање, а сеуште не можеме да го користиме, но можеме да го искористиме во иднина. Веќе сега имаме многу работи кои се подготвени но не можевме да ги донесеме тука (во Австралија)“.
Дали оптимизмот на Алонсо и Булие е оправдан, ќе покажат следните трки. Првата од нив е трката во Бахреин закажана за 8.април.