![Дали иднината на електричните возила ќе зависи од ДР Конго?!](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2018/02/ev-car.jpg)
Дали иднината на електричните возила ќе зависи од ДР Конго?!
Електричните автомобили се иднината, агресивно освојувајќи го глобалниот пазар, a иако во моментов завземаат удел помал од пет проценти, тие сè повеќе влијаат на индустријата
До 2030 година, се очекува продажбата на EV возила да зазема дури 30% од светскиот пазар, па полека се поставува прашањето на што се тоа ќе има влијание.
Ако ја ја тргнеме на страна електричната енергија потребна за овие возила и нејзиното производство, друг важен, а можеби и најважен фактор се батериите кои ги напојуваат електричните мотори.
Батериите ќе бидат пресвртница, бидејќи нивен неопходен дел се метали кои не се широко распространети во сите делови на светот, како што е на пример кобалтот.
Неодамна, имаше вест дека BMW постигнал договор за снабдување со кобалт и литиум во следните десет години, клучно за овој сектор во автомобилската индустрија.
Овој метал како и литиумот не се толку достапни како што се челикот, бакарот и никелот, што значително ги ограничува производителите на автомобили, пред се во обидот да ја направат цената на електричните возила подостапна.
За големите компании од суштинско значење е да се договорат за постојана цена на некои суровини, но во случај на некои, како кобалтот, поради нестабилната политичка ситуација во земјите од каде што доаѓаат, тоа е речиси невозможно, пишува Bloomberg.
Намалување на цената на електричните возила зависи во голема мера од намалување на цените на суровините неопходни за нивно производство, при што повторно е клучна батеријата, но оскудацијата на одредени метали може да направи голем проблем и да влијае на динамиката на производство.
Високата цена на батериите во моментов е главната причина зошто на производителите им се потребни државни субвенции за да ги направат EV возилата достапни за широките маси. Колку ова може да влијае на производството, најдобар пример е Тesla, чиј Model 3 односно неговото производство е далеку од планираниот ритам токму поради проблеми со батериите.
Според неодамнешните истражувања на Слободниот Универзитет во Брисел, цената на киловат-час би требало од сегашните 432 долари да падне на 100 долари во периодот помеѓу 2020-2025 година. Ако тоа се случи, цената на EV возилата ќе биде на ниво на оние на фосилни горива кои повеќето луѓе можат да си ги дозволат денес.
Сепак, растот на цената на литиумот, кобалтот, манганот и графитот во последно време би можел да го забави овој прогрес.
Најскапиот помеѓу нив е кобалтот чија цена е околу 60.000 долари за тон. Се користи во катодите на батериите за да се постигне густина на енергијата неопходна за зголемување на дометот на EV возилата. Минатата година неговата цена се зголемила за дури 83%, првенствено поради порастот на побарувачката за батерии, а околу 60% од ископаниот кобалт оди на тоа.
За батерија од 85 KWh, каква што користи Tesla, потребни се осум килограми кобалт. Според сегашниот раст на продажба на EV возила, се предвидува дека побарувачката за кобалт ќе достигне дури 9.300% до 2040 година, а на целата автомобилска индустрија ќе и треба три пати повеќе од овој метал отколку што е ископано во текот на 2016 година. Со оглед дека кобалтот е важен и во производството на индустриски легури, потребно е огромно зголемување на производството.
Врз основа на сегашното ниво на производство, предвидувањата се дека за залихите на кобалт ќе траат уште 57 години, а како споредба оние на литиум уште 400. Нема сомнеж дека ќе се откријат нови резерви на друго место, но производството и понатаму најверојатно ќе зависи само од една земја – ДР Конго.
Според најновите истражувања, Конго „лежи“ на 49% од светските резерви на кобалт и произведува околу 54%, а станува збор за една од најсиромашните земји во светот чиј претседател одби да ја напушти власта по истекот на неговиот мандат во 2016 година.
Голем дел од извозот на кобалт од оваа земја, се шпекулира повеќе од 20%, доаѓа од „занаетчиски“ рудници ископани од локални жители под контрола на разни вооружени сили. Според извештајот на Амнести интернешнал од септември 2016 година, евидентирана е огромна експлоатација на деца.
Повеќето од рудниците се под контрола на кинески државни компании, додека Конго го користи својот удел за да ги отплати своите заеми од Кина. Ова создава напната ситуација, владата сака да извлече што поголем профит па затоа се обидува да ги принуди кинеските производители што е можно поголема количина од рудата да ја преработува во Конго, наместо да ја извезува во Кина. Пред десет години, ограничувањето на извозот на руда од Конго ја крена цената до „плафон“, 41% повисока од сегашната.
Tesla се има обврзано на етички извор на набавка на кобалт за сопствени потреби, а ако и другите компании ја следат, тоа сигурно ќе доведе до алтернативен извор, но за тоа сигурно ќе биде потребно време.
Во меѓувреме, сето ова претставува непријатен збир на околности за автомобилската индустрија. До минатата година, Volkswagen профитираше од четири годишниот договор со рударската компанија Glencore која го снабдувала кинескиот производител на батерии Contemporary Amperex Technology со 20.000 тони кобалт. Меѓутоа, во септември минатата година, Volkswagen се обиде да договори нов петгодишен договор со цел да се обезбеди од раст на цената и недостигот од металот, но не доби ниедна понуда на тендерот.
Изработката на профитабилни електрични возила е пред голем предизвик. Неизвесноста во снабдувањето со суровини и зависноста од нестабилната африканска земја и кинеските државни фирми го прават сето тоа уште потешко.
Напредокот на технологијата ветува помала употреба на и зависност на индустријата од кобалтот и никелот. Гигантот од Јужна Кореја, Samsung, очекува пад за околу 50%, а за тоа секако ќе придонесе и рециклирањето на постоечките суовини, но во моментов не постои конкрета технологија, која би можела во целост да го исфрли кобалтот од равенката, а тоа да не влијае на перформансите на батериите.
Можеби овие природни ограничувања ќе бидат корисни во намалување на глобалната еуфорија во врска со електричните автомобили, што на индустријата ќе и овозможи повеќе време за истражување и развој. Тоа секако ќе го забави „гасењето“ на хибридните возила со помали батерии и возилата со горивни ќелии. За да развојот на EV биде од корист за потрошувачите, технологија за изработка на батерии мора значително да напредува за што помалку да се потпира на мали и нестабилни пазари на суровини, а да го обезбеди она што е најважно за потрошувачите – побрзо полнење и поголема автономија.
Извор: Bloomberg