Daimler и Volvo со здружeни сили ќе развиваат мотори со внатрешно согорување
Концернот Daimler и Volvo, кој е во сопственост на кинескиот Geely, започнале разговори за иден заеднички развој на мотори со внатрешно согорување, пишува германското издание Automobilwoche, повикувајќи се на анонимни извори
Ова треба да им овозможи на двата производители значително да ги намалат трошоците за создавање на нови агрегати.
Изданието цитира висок менаџер на Volvo, кој тврди дека веќе се одржани првични разговори со раководството на Daimler, но сè уште нема конкретни планови за заедничкиот проект. Портпаролот на германскиот концерн, пак, додава дека соработката со Geely, кој е акционер во Daimler (поседува 10% од акциите), се развива позитивно, но одбива да коментира за идните можни проекти.
Уште во октомври, Volvo објави дека развојниот оддел за погонски агрегати на компанијата ќе се спои со оној на Geely, заради создавање на стандардни и хибридни погонски единици за двата производители.
Според Automobilwoche, новиот развоен оддел со работа ќе започне во во март и токму тоа ќе претставува основа за соработката со Daimler.
Geely и Daimler веќе објавија дека заедно ќе ја создадат следната генерација на Smart, која ќе биде целосно електрична. Возилата ќе се произведуваат во Кина.