Како да спречите замрзнување на шофершајбната, ретровизорите, вратите или бравата на вашиот автомобил

Основниот совет е дека не мора да го чекате утрото за да се справите со проблемот. Животот ќе ви биде многу полесен ако навреме се подготвите за минусните температури кои деновиве барем наутро станаа редовни.

Ако сте во можност изберете исток

Ако имате можност, автомобилот секогаш паркирајте го со предниот дел кон исток. Така, првите утрински зраци полека ќе го топат мразот на шофершајбната.

Ставете картон на предното и задното стакло

Ова е одличен начин да спречите заледување на стаклата. Ако немате картон, работата ќе ја заврши и стар пешкир. 

Исто така, кренете ги бришачите на шофершајбната за да не се залепат на шофершајбната. 

Алкохол и средство за миење садови

Направете течност за одмрзнување на стаклата со која наутро ќе ги испрскате. Литар алкохол, децилитар вода и малку средство за миење садови ќе завршат голема работа.  Или ако ви е полесно, налијте во сооднос 2:1 (две третини алкохол и една третина вода) алкохол и вода во шише со распрскувач.

Пред употреба не заборавајте добро да ја протресете течноста.

Класична добра стругалка

Ако немате средство за одмрзнување и не сте направиле ништо од претходно наведеното, тогаш не ви останува ништо друго освен стругалката во рака и … Ако немате ниту стругалка, кредитна картичка и слично ќе послужи за намената. Малку побавно, но по некое време ќе можете да влезете во автомобилот и да се одвозите онаму каде што сте имале намера.

Заледените стакла никогаш не ги преливајте со врела вода, бидејќи може да попуштат, особено ако имале некое мало штетување. Попаметен избор е млака вода која на стаклото ќе ја нанесете со крпа.

Заштита за ретровизорите

Надворешните ретровизори на вашиот автомобил нема да замрзнуваат ако ставите пластични кеси преку нив. 

Заштитете ги бравите од мраз

Тука од голема помош е добро познатиот WD40. Ставете го во бравата од вратата на автомобилот за да не замрзне преку ноќ.

Заштитете ги вратите од мраз

Многу е едноставно. Се што треба е да одвоите малку време и да ги премачкате гумите (кедерите) околу рамките на вратите со малку маснотиха – се препорачува глицерин или вазелин. Неколку пати во текот на зимата и никогаш нема да имате проблем со отворање на вратите.