Британската автомобилска индустрија има и план А и Б поради Brexit
Производителите на автомобили во Велика Британија почнале со спроведување на плановите за излез на земјата од ЕУ
Сега за сега, планот е повеќето од возилата да се сертифицираат во ЕУ, како и создавање на залихи на делови и компоненти доколку Brexit не остави можност за слободна трговија со земјите-членки на ЕУ.
Агенцијата Reuter наведува дека McLaren своите модели ќе ги сертифицира и во матичната земја и во ЕУ, со цел да се избегнат можните продажни проблеми. McLaren, исто така, почнал со големо трупање на залихи на клучните компоненти доколку дојде до застој при увозот кога Британија конечно ќе ја напушти ЕУ.
BMW веќе најави дека фабриката на Mini, која секоја година оди на колективен годишен одмор во текот на летото, оваа година тоа ќе го стори во април, токму во времето кога ќе се случува последната етапа од Brexit. Освен тоа, Баварците веќе бараат локации за паркинг на камиони за транспорт на автомобили, како во Велика Британија така и во Франција. BMW, исто така, инвестира и во нови IT системи, бидејќи веруваат дека за процесот увоз-извоз од Островото ќе бидат потребни голем број на нови документи.
Шефот на Honda за Европа, Ијан Хоуелс, за Reuters потврдува дека овој бренд нема да купува големи складови, туку веќе имаат точна калкулација за тоа колку компоненти им требаат.
Според неофицијални извештаи, германските производители на автомобили ја притискаат нивната влада да одржи status quo со Велика Британија и да не дојде до раскинување на договорот за слободна трговија, бидејќи Велика Британија е многу голем и важен пазар за германските брендови.
Според Reuters, 85% од продадените автомобили во Велика Британија минатата година се од увоз, а најпродаван бренд во државата е Volkswagen, кој пак го поседува и домашниот Bentley.
JLR сеуште ги нема објавено плановите по повод Brexit. Сепак, индикативно е дека британскиот гигант отвара голема фабрика во Словачка, што значи дека е можно преместување на дел од производството во други земји. На крај краеви, ниту Jaguar Land Rover повеќе не е британски, туку индиски.