Австралиска F1 авантура со Даниел Рикиардо / ВИДЕО
По неколку месеци чекање, конечно можевме повторно да го видиме Даниел Рикиардо во F1 болидот на Red Bull Racing, но не во болидот RB19 кој го користат Макс Верстапен и Серхио Перез за оваа сезона, туку стариот RB7 болид
Во видеото објавено од Red Bull Racing, се појавува австралискиот возач Рикиардо како го вози болидот RB7, кој го користеа Марк Вебер и Себастијан Фетел во 2011 година. Тогаш, овој RB7 му помогна на Германецот да ја освои втората светска титула, а Фетел го нарече „Kinky Kylie“.
Следната Formula 1 трка се вози токму во Австралија овој викенд, па во Red Bull решија да ја најават во свој стил.
Во видеото се појавува и Хана Шмиц, стратег инженерот на Red Bull Racing, која во соработка со Рикиардо се „подготвува“ за претстојната трка иако RB7 е придвижуван од 2.4-литарски V8 мотор со систем KERS и нема речиси ништо заедничко со болидите од хибридната ера, но важна е приказната посветена на Австралија.
Рикиардо со болидот тргнува во „правлива“ теренска авантура и посетува неколку различни локации и површини со цел да ги „собере“ потребните податоци за поставките на болидот.
Видеото завршува со табла на која се гледа одалеченоста од Мелбурн од 780 милји, па Red Bull би можел да објави уште едно промотивно видео до почетокот на тркачкиот викенд.