Преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент во вторникот постигнаа привремен политички договор кој предвидува зголемување на бројот на јавно достапни точки за полнење со електрична енергија и станици за снабдување со водород, така што корисниците на возила со нулта емисија на штетни гасови можат да патуваат побезгрижно низ Унијата

Привремениот политички договор сега треба да биде потврден од секоја од двете законодавни институции, Советот и Европскиот парламент, за да стане закон.

„Договорот испраќа јасен сигнал до граѓаните дека алтернативната инфраструктура за полнење гориво и електрична енергија ќе биде поставена низ ЕУ“, вели Андреас Карлсон, шведски министер за инфраструктура и домување, чија земја претседава со Советот на ЕУ.

„Ова значи дека повеќе почначници ќе бидат достапни на улиците во урбаните средини, како и покрај автопатите. Граѓаните повеќе нема да мора да се грижат дали ќе најдат станица за полнење на електрична енергија или водород за нивниот електричен автомобил или автомобил со горивни ќелии“, додава Карлсон.

Според новата регулатива за воведување инфраструктура за алтернативни горива (AFIR), од 2025 година па натаму, на секои 60 километри по трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) мора да се инсталираат станици за брзо полнење со моќност од најмалку 150 kW. Станиците за полнење за тешки возила со минимална моќност од 350 kW треба да се воведуваат на секои 60 километри долж основната мрежа TEN-T и на секои 100 km во поголемата сеопфатна TEN-T мрежа од 2025 година, со целосна мрежна покриеност што треба да се постигне до 2030 година.

Дополнително, станиците за полнење мора да се инсталираат во безбедни и заштитени точки за полнење преку ноќ и во урбани средини за возилата за испорака.

Инфраструктурата за снабдување со водород, способна да снабдува и автомобили и камиони, мора да се воведе во сите урбани области и на секои 200 км долж основната мрежа TEN-T од 2030 година, обезбедувајќи мрежа доволно густа за да им овозможи на возилата со водород да патуваат низ целата ЕУ.

Операторите на станиците за полнење на електрична енергија и водород мора да обезбедат целосна транспарентност на цените, да понудат пригоден начин на плаќање, како што е дебитна или кредитна картичка, и да објавуваат релевантни информации, како што е локацијата, електронски, со што се обезбедува целосна информација за потрошувачот.

Договорот го поздрави и Европската комисија, која посочува дека ќе овозможи премин во сообраќај со нула емисии и ќе придонесе за целта за намалување на нето емисиите за најмалку 55 проценти до 2030 година.