Светот се соочува со недостиг на полначи за електрични автомобили
Главните светски производители на автомобили најавуваат офанзива во сегментот на електрични возила, но глобалната инфраструктура на полначи не ги следи овие амбициозни планови
Додека во развиениот свет на бензински пумпи има „на секој чекор“, полначите за електрични автомобили (EV) се далеку помалку распространети. Недостатокот на полначи е особено изразен во некои предградија на големите градови и рурални средини, така што некои сопственици на автомобили треба да преминат десетици и десетици километри до најблискиот полнач за батерии.
Истражувањето спроведено од Bloomberg на оваа тема покажува дека на глобално ниво се возат околу 5 милиони електрични автомобили, додека глобалната мрежа на полначи во моментов брои околу 632.000 полначи.
Понатамошните анализи покажуваат дека овие полначи се концентрирани главно во земји и региони каде што електричните автомобили се многу популарни, така што сопствениците на EV кои патуваат далеку од нивниот дом можат да се соочат со сериозен проблем кога се обидуваат да најдат полнач за време на нивното патување.
Дури и ако најдат место за полнење во близина на нивната маршрута, тие може да се соочат со нов проблем. Над 66% од постоечките полначи припаѓаат на категоријата „бавни“, а со нив, за секои 15 км дополнителна автономија на возилото, потребни се половина час полнење на батериите.
Што се однесува до мрежата на полначи, една од пречките за натамошно проширување е нивната недоволна исплатливост за инвеститорите во моментов, затоа што електричните возила се исклучително мал процент од вкупниот број на автомобили на патиштата. Затоа многу постоечки полначи не се профитабилни.
Bloomberg наведува дека еден брз полнач треба да се користи најмалку осум пати на ден за да биде економичен за сопствениците. Во моментов, многу такви полначи се користат помалку од пет пати на ден.
Сепак, некои компании, како што е Tesla, планираат да ја прошират мрежата на полначи за да можат подготвено да ја дочекаат најавената експанзија на електричните автомобили. Така, Tesla планира да ја прошири својата мрежа на суперполначи во Европа и во САД веќе оваа година.
Но тоа е само капка во морето, бидејќи Меѓународната агенција за енергија проценува дека до 2030 година околу 14 до 30 милиони јавни електрични полначи ќе бидат потребни ширум светот, ако пазарниот удел на новиот тип на автомобили на пазарот достигне 30%.