![Mercedes под истрага поради мамење на тестови за емисии на издувни гасови](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2018/05/diter-ceche.jpg)
Mercedes под истрага поради мамење на тестови за емисии на издувни гасови
Германскиот гигант Daimler можеби ќе биде приморан да отповика повеќе од 600.000 возила со дизел погон, вклучувајќи и модели од C и G-класата, ако се докаже дека во нив се наоѓа технологија за мамење на тестови за штетни емисии
Германскиот весник Der Spiegel наведува дека регулаторното тело KBA, се испитува тврдењата дека дизел модели од C и G-класата на Mercedes, имаат слични уреди за мамење на тестови на емисиите, каков што е пронајден во комби моделот Vito.
Mercedes-Benz неодамна беше обвинет за користење на уред за лажирање во Vito моделите со 4-цилиндерски мотор со капацитет од 1.6-литри дизајниран од Renault.
Потоа германското Министерство за транспорт нареди Daimler да го отповика овој модел од пазарот во средината на минатата недела. Од Daimler, наведуваат дека овој модел ќе добие надградба на софтверот и со тоа ќе биде во согласност со прописите.
Според неименуван извор, министерот за транспорт Андреас Шојер лично инсистирал на тоа истрагата да продолжи и да се испитаат и други модели на компанијата Mercedes.
Renault, кој е производител на гореспоменатиот дизел мотор, исто така, е осомничен дека користел уреди за мамење на тестови за емисии на издувни гасови во текот на 2016 година, но претставници на компанијата ова силно го негираат.
Ако дојде до тоа Daimler да мора да повлече повеќе од 600.000 возила од C и G-класата од пазарот, штетата на компанијата ќе се мери во милиони долари.