Фетел веќе потпишал договор со тимот на Racing Point?!
Следната сезона, четирикратниот светски шампион ќе се натпреварува со болидот на Racing Point
Четирикратниот светски шампион во Formula 1, Себастијан Фетел потпишал долгорочен договор со екипата на Racing Point, пренесува италијанскиот La Gazzetta dello Sport.
Германецот, кој сите свои титули ги има освоено со тимот на Red Bull, ќе го напушти Ferrari на крајот од сезоната и ќе вози за тимот, кој следната година ќе биде ребрендиран како Aston Martin.
Познато е дека преговорите меѓу двете страни започнаа уште пред повеќе од два месеци, а наводно треба да се прецизира само уште начинот на кој Германецот ќе го рекламира брендот.
Фетел ќе го замени Серхио Перез, а партнер во тимот ќе му биде синот на сопственикот на тимот Лоренс Строл – Ленс Строл.
Веста за трансферот на Фетел наводно требало да биде официјално објавена помеѓу двете трки на патеката Силверстон, втората е утре, но истата е одложена поради позитивниот тест за коронавирус на Серхио Перез. Мексиканецот не учествуваше на британското гран-при минатата недела, а нема ни оваа.