Аналитичарите сметаат дека Nissan треба да се здружи со Honda
Евентуална алијанса на Nissan со Honda можеби донекаде и не би била во ред, но таа можност не треба да се отфрли доколку дојде до распад на „дружбата“ со Renault, вели аналитичарот на LightStream Research, Мио Като
Таквото партнерство може да биде закана за Toyota, која своевремено во закрича има примено голем број на помали јапонски производители, како што се Mazda, Suzuki и Subaru.
„Honda никогаш не била компанија која сакала да влегува во агресивни спојувања и аквизиции, но партнерството со Nissan не би требало да биде невозможно. Со зголемената конкурентност на Toyota, чувствуваме дека ако Nissan сака со некој да го замени Renault, не е нелогично тоа да биде Honda“, вели Като.
Nissan ги отфрли информациите кои деновиве беа објавени и според кои компанијата размислува за раскинување на Алијансата со француски партнер, а која е во сериозен шок по драматичното бегство на Карлос Гон од притвор во Јапонија. Компанијата за Алијансата со Renault вели дека тоа е „изворот на конкурентноста на Nissan“.
Како и да е, Јапонците одбија да ги коментираат наводите, додека портпаролот на Honda не беше достапен за изјава.
Като вели дека производителите ќе гравитираат кон тоа да бараат партнерства, со оглед на инвестицискиот товар што ги очекува во текот на следните неколку години. Тој исто така напомена дека автомобилската индустрија во Јапонија на крајот би можела да се подели во две гигантски групи.
Замената на Renault со Honda би го зголемила обемот на околу 12 милиони единици годишно, од под 11 милиони, рече Като.
„Nissan има привлечни можности пред потенцијалните додворувачи, а немилосрдниот марш на Toyota би можел да бара драстични промени за оние надвор од Јапонија“, пишува Като.