Големи промени на островот

Владата на Борис Џонсон ќе донесе нов закон за изградба на недвижен имот, кој ќе вклучува поставување на полначи за електрични автомобили на сите нови згради, почнувајќи од 2022 година.

„Ова е клучен момент. Мора да ја прилагодиме нашата економија на зелената индустриска револуција“, вели премиерот на Обединетото Кралство – Борис Џонсон. Новата регулатива подразбира обврска да се постават полначи на сите станбени згради, но не само таму… Ќе треба да се постават полначи и во недвижности кои пред се ќе имаат деловна намена.

Законот ќе ги опфати и зградите што ќе добијат посериозно реновирање – сите што имаат повеќе од десет паркинг места мора да обезбедат и приклучоци за полнење на батериите на електричните возила.

Секако, извесно е дека новите нормативи значително ќе се одразат на градежниот сектор, бидејќи во крајна анализа се работи за нови давачки, додека тамошните експерти за недвижности предупредуваат дека тоа дополнително ќе ја зголеми цената за купувачите „по квадрат“.

Борис Џонсон не се грижи многу за критиките. Тој посочува дека на овој начин Англија ќе добива околу 145.000 нови полначи за возила со батерии годишно, што би требало значително да ја подобри инфраструктурата во таа земја за EV моделите. Според него, таму веќе има повеќе од 250.000 полначи.

Според Џонсон, целта на владата е да го направи полнењето на батериите на таквите возила едноставно како што е полнењето гориво во резервоарот. Притоа, премиерот на Обединетото Кралство вели дека Владата во наредниот период ќе посвети посебно внимание на прашањето за наплата за полнење на батериите, со тенденција за нејзино поедноставување.