Името ID.3 ја означува третата ера на Volkswagen, по Beetlе и Golf. Компанијата смета дека е само прашање на време кога ќе го заземе местото на актуелниот бестселер

Се разбира, тоа не треба да се очекува наскоро. Volkswagen продава половина милион од својот популарен модел во C-сегментот само во Европа. Сепак, за иновативниот електричен автомобил веќе има околу 20.000 нарачки. Споредбено, Nissan Leaf минатата година на Стариот континент стигнал до 38.000 клиенти.

Првиот модел базиран на платформата MEB по многу нешта е доминантен. Кога пред неколку години e-Golf пристигна на сцената, стана првото чисто електрично возило на VW. Меѓутоа, со автономија од само 230 километри и спринт до стотка за 11 секунди, малкумина гледаа сериозно на него.

Благодарение на уникатната конструкција, ID.3 ќе има стандардна 330 километри автономија, која може да се прошири и до 550 километри. Она што е исто така важно е цената, која започнува од околу 30.000 евра или 7.000 помалку од е-Golf. Новитетот исто така може да се пофали со брз систем за полнење, а за 260 километри возење доволни се само 30 минути прикаченост на полнач.

Со 204 КС и моментално достапен максимален вртежен момент, ID.3 може да забрза како и сите останати „hot hatch“ модели, а сигурно е дека e-Golf и ID.3 дополнително ќе бидат споредувани.

Германската Auto Bild наведува неколку интересни работи. На пример, нема копче за старт. Треба само да влезете во возилото и да го ставите менувачот во „D“ позиција. На задните седишта има повеќе место за главите и нозете на патниците, без оглед на присуството на батеријата во подот.

Прегледноста е добра, како кај повеќето Volkswagen модели, а имајќи предвид дека нема ништо помеѓу предните тркала, радиусот на вртење му е значително помал.