Зошто не користиме водород како гориво за мотори со внатрешно согорување? / ВИДЕО
Водородот согорува на тој начин што како последица нема ослободување на штетен јаглерод диоксид во атмосферата. Тогаш, се поставува логично прашање, зошто не би го употребувале како гориво наместо бензин или нафта, на пример. Одговорот е многу покомплексен отколку што може да се замисли
Денес е веќе сосема јасно дека мора да се најде алтернатива за фосилните горива, и тука нема дилема. Производителите на автомобили, и не само тие, работат напорно за да најдат соодветни одговори. Сепак, повеќето идеи се потпираат на целосна елиминација на моторите со внатрешно согорување.
Прашањето е зошто едноставно не се модифицираат класичните мотори на кои сме навикнати на таков начин да можат како погонско гориво да користат почисти енергенси? Познатиот Џејсон Фенске се обидува да ни ги приближи причините, објаснувајќи колку комплексно и неефикасно би било едно такво решение.
Кога водородот согорува на правилен начин, единствената супстанција што се ослободува во атмосферата е водена пареа. Е сега, постојат два главни проблеми кои ја спречуваат практичната употреба на водородот за оваа цел. Прво, водородот како гориво не поседува таква енергетска густина како и другите извори на енергија, што значи дека се потребни огромни количини на водород како еквивалент за она што го дава значително помала количина на бензин. Ако на тоа се додаде и вродената неефикасност на моторите со внатрешно согорување кои имаат термална ефикасност од околу 30% (ова е премногу оптимистичка бројка), тогаш имате разочарувачка комбинација.
Другиот проблем е самите штетни емисии. Иако како нус продукт од согорувањето на водородот не се добива јаглероден диоксид, покрај водената пареа, има уште некои соединенија кои се се, само не пожелни. На прво место се озлогласените азотни оксиди или соединението кое е во срцето на дизел-аферата со Volkswagen. Токму затоа водородот не може да се смета за целосно чисто или органско гориво.
Тогаш, како инженерите ќе можат водородот да го направат прифатливо решение за иднината? Тоа веќе го гледаме! Одговорот лежи во употребата на водородот за производство на електрична енергија на начин како кај FCEV возилата и со тоа стануваат многу почисти од конвенционалните.
Впрочем, погледнете го видеото во прилог.