Зошто Mercedes и BMW со заеднички сили купиле 60 автомобили на Tesla?
Ривалството меѓу двата германски производители на автомобили е добро познато, но…
Но исто така е познато дека од администрациите на двете компании постојано стигнуваат известувања и најави во врска со електрификација на гамата, со ветувања за цела плејада на возила во скора иднина. Претежно, ова се причините за зачуденоста, меѓу помалку информираните лица, предизвикани од веста што ја пренесува Handelsblatt, според која со заедничко вложување, двете германски компании пазариле 60 примероци на автомобили од Tesla со непознати спецификации.
Многумина веднаш би помислиле дека станува збор за индустриска шпионажа или потреба да се испитаат автомобилите од технолошка страна, но сосема е сигурно дека Германците веќе одпорано „знаат“ како работат автомобилите на Tesla.
Оваа набавка е сепак резултат на договор помеѓу партнерите во поранешната такси компанија MyTaxi, а денес давател на современи услуги за мобилност, Free Now, за подобрување на флотата на заедничкото вложување. Сите 60 примероци ќе сообраќаат низ улиците на Хамбург.
Mercedes и BMW очекуваат, барем делумно, на тој начин да одговорат на 20% поинтензивната побарувачка споредбено со година претходно, во Германија секако. Растот на побарувачката за овие услуги довел и до зголемување на бројот на возачи во компанијата (+27%), што значи дека во моментов повеќе од 28.000 возачи заработуваат „за леб“ во оваа компанија.
Марката Free Now е релативно нова, а своето сегашно име го добила некаде во средината на минатата година. И покрај тоа што е нов бренд, компанијата ги нуди своите услуги во 25 најголеми германски градови, при што ланските приходи надминуваат 2 милијарди евра. Во Free Now работно место нашле повеќе од 1.800 луѓе, а минатата година услужени биле 39 милиони луѓе.
Причината зошто двата најголеми производители одлучиле да ги вложат своите средства во Tesla модели наместо во домашни, поточно сопствени производи, лежи во фактот дека ниту BMW i3 ниту Mercedes EQC не се во состојба да обезбедат доволно автономија во реалниот сообраќај за да можат возилата да служат во такси цели.