Зошто Германија ја блокира забраната за продажба на нови автомобили на бензин и дизел? Еве ја причината
Клучните земји зад забраната за мотори со внатрешно согорување се Италија и Германија
Минатиот петок се случи незамисливо сценарио. Откако на крајот на минатата година донесоа одлука за целосна забрана за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, членките на Европската унија ја стопираа сопствената одлука!
Клучните земји зад забраната се Италија и Германија, кои наведуваат дека утврдениот рок е премногу амбициозен и предвремен.
Но, што навистина се крие зад блокирањето?
Германскиот министер за транспорт Михаел Теурер вчера ја повика Европската комисија да дозволи мотори со внатрешно согорување кои користат климатски неутрални горива или е-горива по 2035 година.
Тој додава дека електричните возила се „патот што треба да се оди“, но смета дека треба да се поддржат и други технологии со нулта емисија на штетни гасови.
Одговорот на Европската комисија на барањето на Германија треба да пристигне денеска или до крајот на неделата.
Што се е-горива?
Терминот е-fuel, electrofuel или е-гориво се однесува на целосно синтетички горива кои не содржат нафтени деривати, но се создадени индустриски со користење на јаглерод диоксид или јаглерод моноксид од околината, кој е комбиниран со водород. Горивото се добива од јаглерод и водород преку посебни процеси. Хемиски гледано, ова има совршена смисла бидејќи и бензинот и дизелот се во основа соединенија на атоми на водород и јаглерод.
Но, зошто таквите горива би биле климатски неутрални, кога нивното согорување повторно ослободува CO2 во атмосферата? Едноставно, целиот CO2 што излегува од издувните гасови е веќе повлечен од околината како суровина за производство на е-гориво.
Тоа значи дека нивната употреба не создава дополнителен CO2. Се разбира, сето ова под услов да се користат CO2 неутрални извори на енергија како што се ветерот, сонцето, водата, геотермалната енергија и нуклеарната енергија за производство на е-гориво.