Зошто Ferrari и Lamborghini немаат телевизиски реклами
Италијанските производители се потпираат на различни стратегии при изборот на клиенти
Многумина веројатно се прашуваат зошто модните куќи како Hermes и Louis Vuitton немаат ТВ реклами. Истото важи и за двата најголеми конкуренти во автомобилската индустрија – Lamborghini и Ferrari. Дали затоа што навистина не им треба или едноставно не сакаат да се продадат на „погрешните луѓе“?
Рекламирањето отсекогаш било многу важно за секоја индустрија, но кај производителите на автомобили има компании кои пронашле други начини за маркетинг. Ferrari, на пример, секогаш произведувал неверојатни автомобили, останувајќи една од најтешките марки за купување особено за некои специјални модели. Тие се резервирана територија за оние кои веќе некое време имаат врска со брендот.
Затоа италијанската компанија користи продажна стратегија на голема побарувачка и мала понуда. Целта е сеуште правење врева за најновиот модел, така што луѓето што сакаат да го купат, можат да ја запознаат марката и да развијат врска со нивниот дилер пред нивното име да се најде на списокот на чекање.
Во Ferrari, знаат дека нивните клиенти нема да гледаат телевизија или да „буричкаат“ низ Инстаграм за да одлучат да купат нов автомобил. Тие заработуваат милиони и можат да си дозволат да купат Ferrari, но слободното време го поминуваат на други начини. Покрај тоа, компанијата не сака да ги рекламира своите производи на луѓе кои едноставно нема да ги ценат.
Во исто време, компанијата е многу пребирлива за својот имиџ, а доказ за тоа е скандалот со германскиот моден дизајнер Филип Плејн, кој ги рекламира своите нови патики на хаубата од неговиот 812 Superfast. Ferrari поднесе и ја доби тужбата затоа што сметаше дека тоа е кршење на имиџот.
Сепак, ова е случај кој укажува на тоа дека брендот како да го губи контактот со своите вистински клиенти. Филип Плејн е богат плејбој кој го демонстрира животот на еден сопственикот на Ferrari. Тогаш, зошто компанијата е против тоа тој да ги рекламира своите производи? Одговорот е едноставен – само Италијанците сакаат да изберат кого ќе видат во нивните автомобили.
Работите се нешто поинакви кога станува збор за конкуренцијата, односно Lamborghini. Во оваа компанија сакаат луѓето да ги покажат своите автомобили и со тоа да предизвикаат уште поголем интерес. Автомобилите на марката чинат стотици илјади долари (како и оние на Ferrari), но тие се насочени кон други типови на клиенти. Од самиот почеток, во Lamborghini е јасно дека мораат да направат луди автомобили со блескав изглед дизајнирани за луѓе кои бараат нешто навистина диво и карактеристично.
Клиентите на брендот целосно се согласуваат со ова. Никој не купува Lamborghini затоа што сака да ужива во италијанскиот луксуз. Тој го купува затоа што овој автомобил изгледа и звучи лудо.
Сепак, Lamborghini исто така не ги рекламира своите производи за пошироката јавност. А, причината е иста како и со Ferrari – луѓето кои имаат можност да купат автомобил од марката, не им е потребно влијанието на телевизиското рекламирање, колку и да е тоа импресивно.
Наместо тоа, Италијанците остануваат на ставот дека нивните производи да зборуваат сами за себе. Компанија, како Ferrari, е свесна дека тие се бренд резервиран за горните слоеви на општеството. И, за да се стане нејзин клиент, лицето за кое станува збор мора да заработува милиони.