Златан Ибрахимовиќ зад воланот на Ferrari Monzа SP2 / ВИДЕО
Златан Ибрахимовиќ е веројатно најголемата ѕвезда во Шведска која можете да ја видите зад воланот на еден суперавтомобил
По ова видео сите можеме дополнително да му завидуваме со оглед дека можел да си приушти и да вози Ferrari Monzа SP2, автомобил кој е толку егзотичен што само неколкумина имале можност да го видат во реалниот живот.
Дека Златан е страствен обожавател на суперавтомобили не е непозната работа. Тој поседува бројни примероци од Porsche и Ferrari.
Monza SP2 е веројатно најголемиот раритет досега. Испорачан е пред еден месец, за време на карантинскиот период, па ова е веројатно првиот јавен настап на овој автомобил. Се разбира, комбинацијата на бои е направена по нарачка.
Ferrari Monza SP2 беше претставен во октомври 2018 година на Саемот за автомобили во Париз, заедно со „братот“ едносед – SP1. Двата автомобили претставуваат почеток на нешто ново и интересно за Ferrari.
Ferrari Monza е поздрав за тркачките автомобили на Ferrari, кои имале чест да го носат ова име во педесеттите години од минатиот век, како моделите 750 и 850. Денешниот модел генерално се базира на 812 Superfast, но не го дели дизајнот со него, и е изработен од лесен карбон.
Дизајнот на овој брз автомобил е она што го прави посебен и привлечен. Нема покрив ниту шофершајбна, но тоа не му пречело на Златан да го вози без кацига. Но, поради покул ефект тука се очилата за сонце.
Погонската моќност во SP1 и SP2 е 6.5-литарски V12 мотор со 810 КС, така што тоа е најмоќниот мотор на Ferrari во соодветната конфигурација на цилиндри. Сепак, хиперавтомобилот LaFerrari е уште помоќен благодарение на електричниот мотор.