Германскиот производител се здружува со Siemens и HP со цел конструкција на полесни компоненти, заедно со план да се произведуваат 100.000 единици годишно до 2025 година

 

Volkswagen започна со сертифицирање на прототипови на 3Д печатени компоненти, со цел да се произведуваат 100.000 примероци годишно до 2025 година. Компонентите за кои станува збор може да бидат со значително помала маса во споредба со еквивалентните единици направени од челик.

Volkswagen ќе користи адитивен процес познат како „сврзувачки млаз“ за изработка на компоненти во својата главна фабрика во Волфсбург. HP ги обезбедува печатачите, додека Siemens ќе го испорача софтверот за производство.

Во 2018 година, VW објави дека сака да започне со масовно производство на 3Д-печатени делови, почнувајќи од неструктурни елементи, како што се рамки за регистарските таблички.

Во процесот на „сврзувачки млаз“, сврзувачката течност се распрскува врз слој од прав, зацврстувајќи го пресекот на компонентата, градејќи ја слој по слој. Овие компоненти обично се дизајнирани со помош на компјутерски софтвер пред да бидат испратени до 3Д печатач.

3Д-отпечатените компоненти за столбот на шофершајбната на кабриолетот Volkswagen T-Roc веќе се сертифицирани во фабриката во Ознабрик.

Намалувањето на масата е клучна предност на овој процес, бидејќи компонентите создадени на овој начин се повеќе од двојно полесни во споредба со конвенционалните делови изработени од челик. Иако VW нема работено „краш“ тестови на 3Д компоненти во минатото, вели дека досега овој процес не бил финансиски оправдан.

Преку процес на оптимизација наречен „вметнување“, VW вели дека нашол и начин да го удвои бројот на делови по една сесија за печатење.

Компанијата планира да го искористи овој потфат за понатамошно развивање на својата експертиза во областа на 3Д печатење и да увиди кои дополнителни елементи можат да се произведат на овој начин.

Наменски центар за 3Д печатење

Германскиот гигант веќе инвестираше „одредена двоцифрена милионска сума во евра“ во центар за 3Д печатење од 2018 година. Овој центар служи и за обука на вработените кои работат на соодветните технологии.

Ова не е ново поле на истражување за Volkswagen. Веќе 25 години, германската компанија тестира различни процеси на печатење за пластични компоненти, вклучувајќи централни конзоли, облоги на вратите, инструмент панели и браници, како и метални отпечатени елементи како што се влезни колектори, ладилници и носечки елементи.

Во моментов, 13 производствени единици во фабриката во Волфсбург користат различни процеси на печатење за производство на пластични и метални компоненти.

„И покрај постојаните предизвици што ги носи пандемијата со коронавирус, ние продолжуваме да работиме на иновации“, вели Кристијан Фолмер, член на управниот одбор на Volkswagen, одговорен за производство и логистика. „Заедно со нашите партнери, имаме за цел да го направиме 3Д печатењето уште поефикасно во годините што следат, како и попогодно за употреба на производствените линии“.