Веќе одамна е познато дека Mercedes-Benz работи на целосно електрична верзија на G-класата, модел кој извршниот директор Ола Калениус го опишува како неизбежен

Според написот на интернет порталот Carscoops, се појавил нов извештај од веб-страницата MBpassion, кој тврди дека идниот електричен EQG во форма на концепт ќе биде претставен овој септември на салонот во Минхен.

Гласините за ваква G-класа започнаа во октомври 2020 година кога Mercedes ги потврди своите планови да ја направи G-класата свој бренд. Шпекулациите велат дека иако во Минхен овој модел ќе стигне во форма на концепт, тој ќе биде многу близу до сериската верзија.

„Протечените“ документи од април 2021 година јасно покажаа дека електричната G-класа ќе го носи името EQG, што одговара на останатите целосно електрични членови на семејството EQ. Истите документи открија дека тој ќе биде достапен во две верзии – EQG 560 и EQG 580.

Како што и се очекува од кој било модел од G-класата, EQG ќе има стандарден погон на сите четири тркала. Ако се земе во предвид погонскиот систем 580 кај седанот EQS, тогаш и EQG 580 најверојатно ќе има два електромотори (по еден на секоја оска) со комбинирана моќност од 385 kW / 523 КС и вртежен момент од 828 Nm. Батериите од 108 KWh ќе понудат домет од околу 500 километри, и покрај тежината и обемот на автомобилот. Иако нема никакви информации за EQG 560, тој веројатно ќе биде послаба варијанта која ќе ги задржи теренските можности на EQG 580.

Од EQG се очекува, дизајнерски гледано, да ја задржи сличноста со G-Class. Коцкасто тело, класични теренски пропорции, големо растојание од земјата… додека аеродинамичниот преден дел со покриена решетка на ладилникот ќе биде во прв план во промените на дизајнот.

Иако во Минхен помеѓу 7 и 12 септември 2021 година веројатно ќе се појави концептот EQG, за сериската верзија ќе треба да почекаме. Можеби во 2022 или 2023 година.