VW избра име за својот електричен хечбек?!
Првиот сериски електромобил на Volkswagen – I.D кој треба да означи почеток на бранот автомобили со батерии на германскиот гигант во блиска иднина, најверојатно на пазарот ќе се појави со име ID.3
Прогнозата е на бизнис изданието WirtschaftsWoche кое сепак нагласува дека истото име не е одобрено од големите босови на концернот.
Во Европскиот патентен завод, Volkswagen веќе ги има резервирано имињата од ID.1 до ID.9 за употреба во Европската Унија. За кросовер моделите е предвидено во името на автомобилот да се појави ознаката Х – речиси како решението кое го користи BMW за идната гама електрични модели.
До неодамна се сметаше дека електричниот хечбек на VW, кој ќе е во класата на Golf, ќе се вика Neo, а со тоа ќе се запази традицијата на марката за крштавање на нови модели.