Возилата на Toyota од 2021 година ќе комуницираат меѓусебно
До средината на следната деценија половина од моделите на Toyota и Lexus ќе бидат опремени со Vehicle-to-vehicle или скратено V2V технологија
V2V овозможува меѓусебна интеракција меѓу автомобилите, но и возилата со околната инфраструктура како на пример семафорите.
Автомобил со оваа технологија може да испрати радио сигнал кој се однесува на брзината, забрзувањето и насоката на движење и да прима исти сигнали од другите автомобили.
Ова ќе овозможи пред поефикасно возење, бидејќи возачот ќе добива податоци за сообраќајниот метеж или пречки на патот. Исто така, возилото опремено со V2V може да „види“ друг автомобил или голем камион зад агол кој доаѓа во пресрет.
Експертите за безбедност веруваат дека оваа технологија значително ќе го намали бројот на повреди и смртни случаи во сообраќајот, бидејќи возилата ќе имаат можност да избегнат судири дури и кога возачите не се гледаат или не реагираат доволно брзо.
Овој систем во голема мера ќе го забрза воведувањето на автономната технологија во возилата на патиштата.