Возевме: Toyota Yaris 1.0 VVT-I Light
Модерен и јапонско прецизен крој за урбаната џунгла
Ако направиме споредба со претходната генерација, веројатно, имало малку што да се подобри. Но во Toyota не се согласувале со тоа и се обиделе да отидат чекор подалеку, фокусирајќи се на економичност во однос на потрошувачката на гориво, безбедноста, пространоста, употребливоста и перформансите. Дизајнот зборува сам за себе. Па зарем номинацијата за Европски автомобил на годината за 2021 и влезот во финалната седумка не е доволен доказ за тоа. А таму се Citroën C4, Cupra Formentor, Fiat 500, Land Rover Defender, Škoda Octavia, Volkswagen ID.3 и се разбира новиот Toyota Yaris. Сигурни сме дека номинациите и титулите нема да застанат тука.
Привлекува веќе на прв поглед
Има многу што да се сака кај овој автомобил, иако сивата металик боја и сивата внатрешност на нашиот тест автомобил даваат се од себе да ја прикријат добрата работа што ја направиле дизајнерите на Toyota. А таа е видлива дури и во скромната спецификација Light која ни беше на располагање, благодарение на испакнатите лакови напред и назад и агресивно дизајнираниот „нос“ со широки отвори за воздух, отворена решетка и извајани светла. Згора на тоа, црната лента што ја гледате на решетката на ладилникот е изработена од текстуриран материјал што е чудно пријатен на допир.
Од позади, Yaris изгледа изразито пошироко од досега. Тоа не е само паметен трик во дизајнот (иако овде многу помага црната пластика помеѓу светлосните групи), бидејќи новиот Yaris е за 50 mm поширок од порано, а и 40 mm понизок. Toyota ги „истуркала“ тркалата кон аглите на автомобилот кој има 50 mm подолго меѓуоскино растојание, и покрај намалувањето од 5 mm во вкупната должина.
Во однос на дизајнот, ова е свет далеку од сите претходни генерации на Yaris и може да се направи да изгледа уште поимпресивно доколку се одлучите за некои опционални решенија.
По пријатното изненадување предизвикано од екстериерот, ентериерот на Yaris првично изгледа како „сиво“ море, но само на прв поглед. Погледнете поблиску и ќе го цените паметниот дизајн кој е внесен во кабината. Така на пример, екранот на допир е особено висок, така што не мора да го тргате погледот далеку од патот за да го видите она што треба, додека насекаде има корисни полици за складирање. Toyota користела подолго меѓуоскино растојание и дополнителна ширина за да им даде повеќе простор на патниците и на предните и на задните седишта. Напред, седиштата се оддалечени меѓусебно повеќе од порано, за да им се овозможи на патниците поголем простор за лактите, додека возачкото седиште е многу пониско и поназад во шасијата, приближувајќи го кон центарот на гравитација на автомобилот. Тука е и релативно компактниот и тактилен волан преку кој може да се прават еден куп прилагодувања без и да се поместите од удобното седиште.
Пристапот на задните седиште делува некако тесно, но кога ќе се влезе на задната клупа има пристоен простор за две возрасни лица. Патниците на располагање имаат доволно простор за стапалата и колената, а и главата нема им да допира на кровот се додека се пониски од 190 cm. Можеби багажниот простор делува мал (286 литри), но правилниот облик и длабочината дозволуваат повеќе товар отколку што изгледа на прв поглед. Секако оваа „литража“ станува поголема со соборување на задните седишта (947 литри).
На крајот, неколку збора и за напредната технологија. Лесно управлив мултимедија систем Toyota Touch® 2 сo 7″ колор монитор чувствителен на допир со контроли на аудио системот и борд компјутерот, USB приклучок и Bluetooth поврзување, aудио систем со 2 звучника, смартфон интеграција со Android Auto и Apple CarPlay, мулти-информациски 4.2-инчен дисплеј меѓу инструментите зад воланот, говорни команди, е-Call… па зарем малку набројавме за возило кое претставува базна понуда во гамата.
Економичен и лесно управлив
Иако Toyota приоритет го насочила кон горивната економичност на Yaris, таа направила и значителни промени во пристапот кон развојот на автомобилот, што исто така ветува големи придобивки во однос на начинот на кој се управува автомобилот. Тука е сосема новата платформа, која, пред се, го спушта тежиштето на Yaris и го прави самото тело далеку поцврсто. Тоа очигледно ќе придонесе за високи перформанси и несомнено, World Rally програмата на Toyota, но Јапонците продаваат многу повеќе стандардни варијанти, а тоа значи намера сите да уживаат во возењето на Yaris, дури и оние кои не уживаат во возењето, само по себе.
Возачката позиција е добар почеток, исто како и прецизниот волан и пристојната прегледност. Контролите на воланот се управуваат лесно и без напор. Воланот е нешто потежок од порано, но е „пожив“ од било кога. Паркирањето или маневрирањето е многу полесно од порано, а има и голем круг на вртење.
Трицилиндерскиот мотор од 1.0-литри можеби е мала „грутка“ во грлото при стартување на возилото и може да биде малку нерафиниран кога треба да го придвижи возилото, но во спротивно е релативно пригушен и го турка Yaris (кој тежи под еден тон, патем) со поголем ентузијазам отколку што може да очекувате од неговите 72КС / 93 Nm.
Се разбира, неможе да очекувате премногу на стрмните ридови и на отворен пат, па затоа ако ви требаат повеќе перформанси, вреди да се размисли за 1.5-литарскиот агрегат. Сепак, 1.0-литарската бензинска опција е совршена за возење во град (во просек имавме 6,4 литри / 100 км за неколкуте дена колку што го имавме возилото на располагање), а тоа се според наше мислење повеќето од потенцијалните клиенти кај нас.
Рака на срце, можеби малку ќе го „почуствувате“ ветерот при поголема брзина, но суспензијата дава чувство на стабилност во секое време. Верувајте, „малиот“ е поспособен отколку што мислите, кој и да го вози, ќе повториме доколу вашите потреби за перформанси не ги надминуваат очекувањата од базен модел во понудата.
Сигурен и безбеден дури и на базно ниво
Во Toyota веруваат дека безбедноста е право на секого, поради што сосема новиот Yaris е најбезбедниот Yaris досега. Стандардната опрема вклучува напреден PreCollision систем со детекција на велосипедисти и пешаци, Emergency Steering Assist – асистенција во итни случаи, Lane Trace Assist – помош за одржување во сообраќајна лента, Intelligent Adaptive Cruise Control – интелигентен прилагодлив темпомат, VSC – електронски систем за контрола на стабилноста на автомобилот, автоматски светла… Зарем имате некаков приговор?!
Сосема на крајот и за цената
Вака спакуваниот Yaris, 1.0 VVT-I Light, веќе нагласивме е најниско на скалата во понудата и чини 13.490 евра, но во тек е акциска понуда, па истиот може да го набавите за 1.000 евра помалку, односно 12.490 евра. Ако сето ова што го нуди вака спакуван Yaris, не ги задоволува вашите желби, барања, потреби… во Тојота Авто Центар секако имаат решение и за тоа. Доволно ќе биде да појдете на официјалниот сајт на македонскиот импортер за возилата на Toyota или едноставно да појдете во салонот и на лице место ги добиете потребните информации.
Продажбата на Yaris и досега беше одлична што сугерираше дека Toyota не би требало премногу драстично да ја менува формулата, но и покрај тоа, таа целосно го промени своето супермини, правејќи го далеку поинтересно и помладо, без да ги одалечи од себе своите лојални следбеници. Уверени сме дека овој „четврти“ Yaris e полн погодок и ќе го надмине успехот на претходниците.
Технички податоци за Toyota Yaris 1.0 Light
- мотор: EURO 6 AP, бензински, 3-цилиндри во линија
- работна зафатнина: 998 см3
- пречник и од: 71.0 x 84.0 mm
- степен на компресија: 11.8:1
- максимална моќ: 72 KС при 6.000 min-1
- макс. вртежен момент: 93 Nm при 4.400 min-1
- трансмисија: на предни тркала преку 5-степен мануелен менувач
- потпирање: напред Макферсон, назад торзиона оска
- сопирачки: напред вентилирачки дискови, назад барабан
- пневматици: 185/65 R15
- каросерија: хечбек со пет врати, пет седишта
- должина х ширина х висина: 3.940 x 1.745 x 1.500 mm
- меѓуоскино растојание: 2.560 mm
- траги (напред/назад): 1.480/1.485 mm
- тежина: 960-1025 kg
- багажник: 286 / 947 литри
- резервоар: 42 литри
- максимална брзина: 160 km/h
- забрзување 0-100 km/h: 14.6 секунди
- потрошувачка во комбиниран циклус: 5,6-5,9 l/100 km
- емисии CO2 комбиниран циклус: 127-134 g/km