На врвот на листата е Lexus, а Porsche 911 е најсигурен автомобил споредено со останатите

Студијата на реномираниот J.D. Power за квалитетот на автомобилите е секако една, можеби и најрелевантна во автомобилската индустрија. Во последните 32 години, J.D. Power ги анкетира сопствениците на тригодишни автомобили во САД со прашања за тоа колку проблеми имале со нивните возила, а од одговорите произлегува годишната студија за сигурност на возилата. Резултатите од студијата за 2021 година зборуваат за значителни промени и напредок на некои брендови. Овде треба да се напомене дека се анкетирани повеќе од 32 илјади сопственици на возила.

J.D. Power ја мери поузданоста или сигурноста на секоја марка во категоријата „Проблеми на 100 возила“ или „PP100“, а со користење на оваа единица се гледа дека просекот на проблеми со возилата е намален за 10% во споредба со истражувањето објавено минатата година. 

Според резултатите од студијата, тригодишните автомобили никогаш не биле поквалитетни. Lexus ја продолжува својата традиција на производство на исклучително сигурни автомобили, завршувајќи по деветти пат на првата позиција. Всушност двете водечки имиња на листата не се никакво изненадување. Lexus и Porsche постојано нудат извонредно изработени возила кои функционираат и покрај зголеменото ниво на техничка сложеност. Lexus е на првото место 9 пати во последните 10 години, што е импресивно. Оваа година се појави со резултат од само 81 PP100 (просекот за сите возила е 121 PP100). Porsche е на второто место со 86 PP100, а Porsche 911 е генерално најпоуздан или најсигурен автомобил од сите. Kia е трето рангирана марка со 95 PP100 (35 PP100 помалку споредено со претходниот резултат од 2020 година). Таквиот резултат ја прави Kiа најдобрата не-премиум марка за масовниот пазар. Следуваат Toyota и Buick, за заокружување на најдобрата петорка. 

Корејските брендови Kia, Hyundai и Genesis, комбинирано имаат 99 PP100, а просекот на европските брендови е 131 PP100.

Tesla е дел од оваа листа за прв пат, но не добива целосна проценка бидејќи компанијата не сака да споделува податоци со J.D. Power за контакти за сопствениците во 15 од 50 држави. Тоа значи дека податоците не се прецизни. Како и да е, за производителот на електрични возила, работите не се розови. Просекот е 176 PP100, што го става точно помеѓу Chrysler и Jaguar на дното на списокот за сигурност кога станува збор за брендови. Зад Tesla се Јагуар со 186 PP100, Alfa Romeo со 196 PP100, а последен е Land Rover, кој има рејтинг од 244 PP100.