Новиот RAV4. 100% SUV, 100% Hybrid

Toyota RAV4 е едно од најпродаваните SUV возила во светот и многумина ја сметаат за пионер во сегментот. Почнувајќи уште од 1994 година до ден денес се има здобиено со широка популарност на глобално ниво со своите добри перформанси во сите услови на возење, со својата удобност и леснотија на управувањето.

Низ годините, RAV4 се ​менувал во согласност со потребите на корисниците и технолошкиот напредок. Така, во четвртата генерација, RAV4 доби хибриден погон кој сега со новата петта генерација оди и чекор подалеку.

Новата петта генерација на моделот носи многу нови, пред сè техничко- технолошки решенија, но, може слободно да се каже, и мало враќање кон своите корени. 

Имено, новата Toyota RAV4 е поставена на нова TNGA платформа која обезбедува одлично искористување на внатрешниот простор, а со тоа и повеќе  простор и комфор за патниците. Багажниот простор е за 79 литри поголем споредбено со претходната генерација и нуди во основа волумен од 580 литри. Каросеријата е пократка од 5 mm, но меѓуоскиното растојание е за 30 mm подолго. Во исто време, новиот RAV4 е 10 mm поширок и 10 mm понизок, но има поголемо растојание од земјата, а со тоа и подобри теренски својства. Хаубата е поставена 15 mm пониско, што придонесува за подобрува видливост.

Дизајн

Во однос на надворешниот дизајн, јапонскиот производител последните неколку години навистина смело настапува, особено ако се погледне дизајнот на помалиот C-HR SUV. RAV4 има малку поумерен дизајн од C-HR, но е доволно свеж и привлечен за да се каже дека тој дефинитивно останува предводник на сегментот.

Од сите страни се издвојуваат трапезоидните форми и остри скршени линии, а сепак сè изгледа складно и спортски во исто време, особено во двобојната верзија која ние ја имавме на располагање (боја на возило+црн кров и ретровизори).

Внатрешност

Мешавината на мека пластика, мек тапацир, метални детали и модерна технологија се во вистински баланс – сè е многу оригинално и привлечно и не личи на европските конкуренти.

Седиштата се многу удобни, имаат голем опсег за прилагодување и секој лесно ќе ја пронајде вистинската позиција зад воланот.

Пред возачот се наоѓа трикрак волан обложен со мека кожа на кој се поставени командите за мултимедијата и темпоматот, како и помошните системи.

Сите важни информации за возење, како што се брзината, температурата на отворено, гориво, работната температура, тековниот режим на возење (Normal, Eco, Sport)…, се лесно достапни и прегледни на дигитално/аналогниот панел зад воланот.

На централната конзола се наоѓа Toyota Touch 2 мултимедијалниот систем со 8″ диспеј со висока резолуција, чуствителен на допир и со кој се контролираат повеќето од функциите, а под него се контролите за двозонскиот електронски, автоматски клима уред

Зад менувачот се наоѓа исклучително достапен и широк оддел, кој поддржува безжично полнење на телефонот, а тука се и USB порт и AUX влезот за аудио систем.

До задните седишта се пристапува лесно преку пространите задни врати, а на нив се седи на ист начин како и предните седишта – удобно и пријатно, со доволно простор за нозете и главата, дури и за повисоки патници.

Повеќе за нивоата на опрема на следниот линк.

Погон

Од техничка страна, експертите за Toyota направиле уште еден исчекор затоа што во погонската понуда дизелот веќе го нема.

Основниот модел се придвижува од бензински мотор од 1.987 cm3, со 175 КС (при 6.600 вртежи во минута) и 208 Nm вртежен момент (при 4.300-5.200 вртежи во минута), но предводникот во понудата е новоразвиениот хибрид!

Всушност пазарниот успех на RAV4 се дожи токму на хибридната технологија. Благодарение на комбинацијата на бензински мотор и електричен мотор, RAV4 е потивок, побрз и поекономичен од слични автомобили со конвенционален мотор.

Основата е Hybrid Dynamic Force моторот со работен волумен од 2.487 cm3 кој работи во Аткинсон циклус, што му овозможува највисок можен степен на ефикасност. Можеби изгледа нелогично, но верзијата со погон на четири тркала (онаа што ние ја имавме на тест) според многу показатели е поефикасна од она со само преден погон. Ова е затоа што повеќе електрични мотори можат да му дадат поголема помош на бензинскиот мотор и затоа потрошувачката е малку пониска, а вкупната моќност поголема.

Toyota RAV4 е достапен со две варијанти на хибриден систем, едната во форма на погон на предните тркала (218 КС) и другата, со погон на сите тркала (222 КС).

За време на сопирањето, кинетичката енергија се претвора во електрична енергија, така што на RAV4 никогаш не му е потребно надворешно дополнување на батеријата.  За да може да се комбинираат бензинскиот и електромоторот (при стартување на автомобилот се вклучува само електричниот дел од погонот), во Toyota се одлучиле за т.н. континуиран променлив пренос (автоматски менувач CVT). Како резултат, одговорот на педалот за гас понекогаш е малку индиректен и понекогаш при забрзување може да се појави пригушен звук. Но тоа е повеќе работа на навика.

Кога возачот сака да забрза, се вклучува бензинскиот мотор и ги повлекува оние 1.700 килограми на возилото од 0 до 100 km/h за 8,1 секунди (AWD). 

Активна и пасивна безбедност

Во новиот RAV4 акцентот е осовено ставен на безбедноста (Toyota Safety Sense), па така веќе од основно ниво на опрема доаѓа со систем за автоматско сопирање во итни случаи (PCS, Pre Collision System), систем за предупредување при напуштање на коловозната лента ( LDA, Lane Departure Assist), систем кој го држи возилото во средината на коловозната лента ( LTA, Lane Trace Assist), интелигентен адаптивен темпомат iACC (активен од 0 до 180 km/h), автоматски долги светла (AHB, Automatic High Beam), систем за препознавање на сообраќајни знаци (RSA, Road Sign Assist), систем за предупредување при замор на возачот.

Опционално е достапен и „дигитален“ внатрешен ретровизор. Воглавно работи како стандарден ретровизор, но кога задниот поглед е блокиран со багаж, огледалото се претвора во екран поврзан со камерата зад задниот прозорец и секогаш дава добар преглед на ситуацијата позади.

Заклучок

Новиот RAV4 е голем и цврст, но не и тежок. Управувачот дава чувство на доверба. Дури и со поголема брзина, во RAV4 се чувствувате едноставно кажано безбедно. Опремен е со исклучително силни сопирачки со кои овој голем SUV лесно се сопира.

Како што веќе напоменавме, на располагање ја имавме верзијата со погон на сите тркала која лесно се справи со она на што ја предизвикавме (да се разбереме, не ја качивме на врвот на Шара, но по стрмнините по кои се искачивме, возилото ни остави чувство како да лебди над патот). Електричните мотори на предната и задната оска работат совршено, со што е лесно да се одржи идеална рамнотежа на патот и било каков свиок.

Додека конкуренцијата сега нуди и целосно електрични SUV возила, Toyota се држи до својот хибриден погон. А има и зошто. Западна Европа е подготвена за електричните автомобили, но остатокот од светот, особено Македонија сè уште не. 

Со изборот на комбинација од особено моќен бензински мотор и електричен мотор, RAV4 е повозбудлив и попожелен од кога и да е (Sport Mode). Користејќи го пак Eco режимот на возење и помирен стил на возење, нашата постигната градска потрошувачка се спушти на одлични 5,0 литри на 100 киломитри. Одлично зарем не?

Во Toyota велат дека имате пет добри причини за да го поседувате новиот RAV4 Hybrid:

  • Смел SUV дизајн кој ве одвојува од конкуренцијата
  • Високо квалитетна изработка на ентериерот со доволно простор за целото семејство
  • RAV4 Hybrid AWD-i- уникатно задоволство и динамика при возењето
  • Одберете Hybrid кој е добредојден во градската средина благодарение на најдобрата во класата CO2 емисија и економичност на гориво
  • Најдобри системи за безбедност во класата како стандардна опрема.

НИЕ ВО ЦЕЛОСТ СЕ СОГЛАСУВАМЕ!

Цени

Во Тојота Авто Центар (02-3088-880) во тек е промо понуда за целата гама на RAV 4, a цените се движат од 25.662 евра за основната бензинска верзија (ACTIVE FWD 2.0 со 175 КС и мануелен 6-степен менувач) па се до 39.951 евра за врвната верзија во понудата со која и ние имавме неколку дневно дружење (EXCLUSIVE NAVI AWD Bi-Tone 2.5 HYBRID со 222 КС и автоматски E-CVT пренос).

Повеќе за цените на следниот линк.

Спецификации на тест моделот:

(Toyota RAV4 Exclusive Navi AWD Bi-Tone 2.5 Hybrid)

  • мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
  • работна зафатнина 2.487 cm3
  • пречник и од 87,50 x 103,48 mm
  • степен на компресија 14,0:1
  • напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
  • максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 177 KС (132 kW) при 6.000 min/-1
  • максимална моќ на преден електро мотор 120 КС (88 kW)
  • максимална моќ на заден електро мотор 55 КС (40 kW)
  • максимална моќ на хибриден систем 222 КС (165.5 kW)
  • макс. вртежен момент 221 Nm при 3.600-5.200 min-1
  • макс. вртежен момент на преден електро мотор 202 Nm
  • макс. вртежен момент на заден електро мотор 121 Nm
  • трансмисија на сите тркала преку E-CVT безстепена автоматски менувач
  • потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
  • сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
  • пневматици 225/60 R18 (напред) 225/60 R18 (позади)
  • каросерија SUV со пет врати, пет седишта
  • должина х ширина х висина 4.600 x 1.855 x 1.685 mm
  • меѓуоскино растојание 2.690 mm
  • траги (напред/назад) 1.610/1.640 mm
  • тежина 1.730 kg
  • максимална тежина 2.225 kg
  • багажник 580 литри
  • резервоар 55 литри
  • максимална брзина 180 km/h
  • забрзување 0-100 km/h 8.1 секунди
  • потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,5/4,7/4,6 l/100 km
  • емисија на CO2 130 g/km

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Loading...