Mercedes веќе ја обезбеди шестата последователна конструкторска титула во Јапонија, а ја осигура и шестата возачка, со таа разлика што сеуште и двата возачи на тимот имаат шанса за тоа

Тимот соопшти дека и двајцата ќе дадат еднаква можност на преостанатите трки оваа сезона.

Луис Хамилтон и Валтери Ботас сега се и математички единствените претенденти за шампионската титула. Никој од останатите повеќе не може да го достигне лидерот, што значи дека Mercedes ќе биде првиот тим во историјата на Formula 1 кој ќе има шест последователни двојни титули.

Со освојувањето на Гран-при на Јапонија, Ботас ја намали разликата во однос на Хамилтон на 64 поени. До крајот на сезоната остануваат уште четири трки, што значи дека се уште се во игра 104 поени. Јасно е дека шансите Хамилтон да ја изгуби предноста се многу мали, но од Mercedes велат дека ќе им дадат подеднаква можност односно еднакви услови на момците во таа битка.

„Мислам дека треба да останеме верни на вредностите што ги поставивме во минатото и секогаш да играме фер. Знаете дека е тешко понекогаш, но сакам да ги видам како се тркаат. Валтери сега е аутсајдер со 64 бода заостанување. Тоа се две и пол победи, но ние ќе им дадеме еднаква можност и на нив останува да го решат прашањето за шампионската титула во трка“, вели Тото Волф.

Хамилтон последните две титули ги обезбеди токму на Мексиканското ГП, трка која е следна во календарот. 

„Никогаш не сум сакал да ги забрзувам работите. Валтери возеше брилијантно цела година и направи одлична работа на Сузука. Многу е веројатно дека тој ќе биде силен противник на следните трки и ние ќе продолжиме да се бориме“, вели Хамилтон. 

 

„Трката во Мексико ќе биде предизвикувачка затоа што е најтешката патека за нас во годината заради сетирањата на нашиот болид. Ќе биде многу тешко за нас. Сепак, се надевам на подобар викенд, но мислам дека ќе биде многу тешко да се победи Ferrari на долгите правци. Дури и други, како Red Bull и McLaren, почнаа да развиваат сериозни брзини на правците. Мислам дека ќе биде многу незгодно и не очекувам потврда на титулата во Мексико. Напротив, ќе бидат потребни уште неколку трки“, дополнува Луис.

И додека Британецот за својот колега вели дека возел брилијантно цела година, вистината е малку поинаква. Финецот имаше одличен старт на сезоната, но пото тој повторно потона во просечност, барем во споредба со она што го направи Хамилтон во исто време. Така се појави тој голем јаз во постигнувањето на поени, а Ботас вели дека нема да се предаде сè додека има и само математичка шанса.

„Мислам дека нема причина за предавање додека титулата е теоретски можна. Она што се случи во Јапонија е добар пример. Започнав од третото место со двa Ferrari болида пред мене. Од тој агол, се чинеше дека ќе биде тешко да се победи“, вели Финецот.

 

„Но, можно е. Сепак, јас сум реален и знам дека ќе треба да имам голема среќа за да ги освојам преостанатите трки. Ваквата состојба најмногу се должи по моја вина. Јас сум одговорен за толку голем заостаток зад Луис и ќе мора да работам на ова во иднина. Засега, планирам да одам трка по трка, па ќе видиме што ќе се случи“, дополнува Ботас.