Volvo: Made in China подобро од Made in EU
До пред неколку години, автомобилите произведени во Кина беа евтини и лошо направени, но во меѓувреме, многу работи се променети
Денес, челниците на Volvo, шведскиот бренд кој е во сопственост на кинеска компанија, тврдат дека автомобилите направени во Кина се супериорни во однос на квалитетот споредбено со оние направени во Европа.
Ова го вели постариот заменик претседател на Volvo Design, Робин Пејџ, чија компанија своевремено ги загрижи своите корисници кога пред неколку години одлучи дека многу од нивните модели ќе се произведуваат токму во Кина.
„Откривме дека квалитетот на автомобилите произведени во Кина е всушност поголем од оние од Европа. Сите беа загрижени за квалитетот, но наскоро сфатија дека нивото е значително повисоко отколку во Европа“, вели Пејџ.
Пејџ истакнува дека кинеските фабрики во сопственост на Geely, а контролирани од Volvo, произведуваат висококвалитетни возила, бидејќи се помалку зависни од автоматизацијата и имаат ограничена толеранција.
„Кога зборувате со луѓето од европската продукција, ќе видите дека многу се инвестира во системи за автоматизација, нема многу мануелни подесувања. Од друга страна, во Кина на тоа поле повеќе луѓе работат, помала е автоматизацијата на производството, што овозможува помала толеранција за грешки и подобри поставки, Тоа не е голема разлика, но ако направите директна и просечна споредба, Кина е прилично добра, така што нема потреба да се грижите“, вели извршниот директор на Volvo.
Производството на модели на Volvo во Кина започна во 2014 година со претходната генерација на седанот S60 на кој потоа се приклучи седанот S90 при крајот од 2016 година.
Во Кина сега се произведува и XC60, а се очекува во оваа земја да се составуваат уште неколку модели, вклучувајќи ја серијата 40, а натписот Made in China се наоѓа и на луксузниот под-бренд Polestar.