Кога ќе направите автомобил, тој мора да ги задоволи многуте барања на климатските услови во различни делови на светот

Американскиот гигант Ford оди чекор понатаму по ова прашање со својата нова фабрика за тестирање во различни временски услови во Келн, Германија.

Овој погон нема да биде идентична замена за мразот од Антарктикот или „пеколот“ од Долината на смртта, но секако е повеќе од пристојна алтернатива.

Фабриката го поседува првиот тунел во автомобилската индустрија кој е во состојба да симулира силни снежни врнежи на надморска височина од 5.200 метри, што е иста висина на базниот камп на северниот дел од Монт Еверест.

Објектот симулира различни температури од -40 до 55 целзиусови степени, а може да произведе и 95% влажност на воздухот. Во исто време, може да се тестираат до десет автомобили.

„Патувањето во различни делови од оваа зграда е како да патувате во четири различни делови на светот“, вели заменик-претседателот одделението за развој, Џо Бакеј.

Во овој објект Ford ќе ги тестираат своите возила за безбедност, издржливост, удобност, електрични перформанси, сопирање, товарен дел, греење на салонот и климатизација.

Инженери ќе го анализираат влијанието на силните ветрови на надворешноста на автомобилот и колку брзо ветробранското стакло може да го топи мразот и да ги отстранува капките од дожд.

„Ние може да видиме како бришачите работат при арктички температури, како се менуваат перформансите на моторот при екстремно високи температури и студ, па дури и колку снег ќе напаѓа на главата на возачот, кога тој ќе ја отвора вратата. Тоа е инженерски сон“, вели проект-менаџерот Мајкл Степ.

Објектот користи огромна количина на енергија од дури 11 мегавати, што е доволно за град со 2.500 луѓе, а кои Ford ги добива од обновливи извори кои не се штетни за околината.