Новитетот на пазарот би требало да се појави за околу две години

Моделот Aero-B, иако се уште не е неговото официјално име, ќе биде сместен во сегментот Д и со самото тоа ќе биде електричен еквивалент за исклучително успешниот Volkswagen Pasѕat. На почетокот на EV офанзивата, Германците своите надежи ги насочија на SUV моделите и ID.3, кој е мешавина од хечбек и MPV. Сепак, тие веруваат дека и лимузините имаат уште што да кажат во оваа класа.

Tesla ова го докажа во неколку наврати досега со својот Model S, а особено Model 3, кој е убедливо најпродаваниот електричен автомобил во светот. Токму Model 3 ќе биде главниот ривал за претстојниот електричен седан на Volkswagen.

Германскиот електричен седан треба да се моделира според концептот ID Space Vizzion, иако треба да се очекува далеку помалку радикален изглед на сериската варијанта во споредба со студијата. Идниот модел ќе биде поставен на модуларна MEB платформа, како и повеќето други членови на семејството Volkswagen ID.

Сосема е сигурно дека седан изданието прво ќе излезе на пазарот во 2023 година, додека караван верзијата ќе се понуди нешто подоцна. Така, Volkswagen ќе се приклучи на Porsche, и ќе биде единствениот во Европа кој воопшто нуди електрични каравани.

Што се однесува до батериите и погонските единици – засега ништо не се знае. Некои веруваат дека влезната варијанта ќе користи батерија од 82 kWh и електричен мотор со моќност од 204 КС, како што е случајот со ID.3 и ID.4. За првото возило, автономијата со едно полнење е 549 km, за ID.4 нешто помалку – 501 km. Но, бидејќи Aero-B ќе биде многу поаеродинамичен, веројатно ќе ја надмине автономијата која ја нуди ID.3.

Наводно, Volkswagen се подготвува да понуди трим за долг дострел за претстојниот седан. Таквото издание треба да може да помине 700 километри со полна батерија, што е веќе многу интересна бројка.

Неколку германски медиуми веруваат дека брендот од Волсбург, многу набрзо ќе го прикаже прототипот на електричниот седан – во текот на следната година, а можеби и уште на почетокот на автосалон во Женева во февруари 2022.