Групацијата Volkswagen се изјасни позитивно за проектот на нејзините подружници Porsche и Audi да се приклучат на Formula 1 од 2026 година, под услов шампионатот да успее во еколошката трансформација

„Управните и Надзорните одбори на Volkswagen, Porsche и Audi ги одобрија плановите за можен влез на овие брендови во Formula 1. Со тоа, во принцип, имаме можност да се приклучиме на шампионатот во 2026 година. Одлуката се уште не е донесена, но сме во завршна фаза на студијата“, вели портпаролот на германскиот производител за Frans pres.

Шефот на Porsche, Оливер Блуме, ја потврди студијата за влез во Formula 1 уште на крајот на март, а медиумите потсетија на „преговорите“ со Red Bull. Тогаш беше кажано дека не е донесена конечна одлука.

Audi би можел да го купи McLaren, а сега нуди околу 650 милиони евра за британскиот тим, наспроти првичната понуда од 450 милиони евра, која тимот ја сметаше за прениска.

Според германските медиуми, другите опции би оделе преку Sauber, кој е присутен во Formula 1 под името Alfa Romeo, Williams или партнерство со Aston Martin.

Како и целата групација Volkswagen, така и Audi и Porsche се посветени на промени во животната средина и се надеваат дека ќе ги искористат предностите на Formula 1 за да ги покажат своите зелени технологии и амбиции. Audi во шампионатот ќе влезе само под услов регулативите кои важат од 2026 година „да предвидат обемни промени за поодржлив спорт“, вели портпаролот на Audi и додава дека Audi по тој повод е во контакт со Меѓународната автомобилска федерација.

Шефот на Audi, Маркус Дисман е голем љубител на трките со мотоцикли, а пред да се приклучи на групацијата Volkswagen, тој беше одговорен за развој на моторот во Formula 1 тимот на BMW.