Пред нас е, се надеваме исто толку возбудлива како и квалификациите, трката за Големата награда на Саудиска Арабија

Најбрз во ноќните квалификации беше Серхио Перез во Red Bull пред дуото на Ferrari – Шарл Леклер како втор и Карлос Саинс како трет! Вториот стартен ред го затвора актуелниот светски шампион Макс Верстапен во Red Bull како четврти во саботните квалификации. 

Мексиканецот беше изненаден од својот круг кој му ја донесе првата пол-позиција во кариерата.

„Ми требаше време да стигнам до првата пол-позиција. Тоа е неверојатно чувство. Можам сега да седнам да возам и не би можел да го поправам ова време. Каков круг. Не очекувавме дека ќе можеме да му парираме на Ferrari денеска. Повеќе се фокусиравме на трката и се надевам дека ќе успееме да ги победиме“, изјави Перез по квалификациите.

Возачите на Ferrari сигурно не очекуваа дека Серхио Перез да биде тој што ќе ги спречи да ја освојат втората пол-позиција во сезоната.

„Кругот беше добар и целите квалификации се сведоа на тоа да не направиме некоја грешка. Во Q3 дадов се од себе и горе-долу се беше ок, но не очекував Чеко да извози ваков круг. Секоја чест за него. Утре е нов ден и се надевам дека ќе имаме чист почеток на трката“, изјави Леклер по квалификациите.

„Кругот за третото место беше прилично добар. Користев возени гуми, бидејќи поради некоја причина имав подобар баланс на нив. Во последниот обид користев нови и воопшто го немав чувството што ми требаше, особено на задниот дел од болидот. Чеко и Чарлс ме потиснаа, но не сум разочаран со оглед на тоа што го возев кругот на стари гуми. Очекувам возбудлива трка и игра на тимовите со стратегијата“, изјави Саинц.

Квалификациите ги одбележаа две црвени знамиња, првото во Q1 поради излетувањето на Николас Латифи во свиокот 13 и второто во Q2 поради големата несреќа на Мик Шумахер во свиокот број 10. Поради ударот на младиот Шумахер во заштитната ограда, паузата траеше 57 минути.

Qualifying Highlights | 2022 Saudi Arabian Grand Prix

Она што дефинитивно ги одбележа квалификациите, ако се прескокне малото изненадување кое го приреди Перез, тоа е катастрофалниот резултат на Хамилтон и неуспехот да се пласира ниту во втората квалификациска сесија  и секако страшниот судир на младиот Шумахер со заштитната ограда. 

Британецот вели дека најголема улога одиграл начинот на кој бил подесен неговиот болид.

Имено во Mercedes се одлучија за различен сетап на болидите на Хамилтон и Расел, што на крајот за Британецот се покажа како лоша идеја.

„Многу се мачев со балансот, кој не беше добар. Не верувам дека долгиот состанок од синоќа имаше некакво влијание врз мене. Ние сме професионалци. Се чини дека направивме целосна грешка со сетапот. Чувството на третиот тренинг беше добро. Направивме некои промени и тогаш болидот стана ноќна мора за возење“, изјави Хамилтон.

Шумахер е добро по тешката несреќа што ја доживеа во квалификациите, удирајќи во заштитниот ѕид со брзина од 270 km/h.

Мик Шумахер успеа да се пробие во вториот дел од квалификациите за Големата награда на Саудиска Арабија, но не ги заврши на начинот на кој сите би сакале. Имено, Германецот изгуби контрола над болидот по минувањето преку проблематичниот ивичњак во 11-от свиок и заврши во ѕидот, а неговиот болид од силината на ударот буквално се распадна.

По инцидентот, најпрвин беше префрлен во медицинскиот центар крај патеката, а потоа со хеликоптер беше однесен во болницата во Џеда. Прегледите покажале дека минал без повреди. Сепак поради големите оштетувања на неговиот болид, инженерите нема да можат да го поправат до утре, поради што ќе ја пропушти трката, а Haas на патеката во трката за ГН на Саудиска Арабија ќе остане само со болидот на Кевин Магнусен кој беше одличен во квалификациите и ќе стартува од 10-та позиција.

Од Haas, соопштија дека допрва ќе се утврдува штетата на болидот и дека во моментов не се сигурни ниту дали ќе можат да го стават во погон за наредната трка во Австралија.

Трката за Големата награда на Саудиска Арабија се вози во 19 часот по македонско време, а како потсетување од денес важи летното сметање на времето.