Во McLaren убедени дека овогодинешниот болид е голем чекор напред
Тимот на McLaren е многу задоволен со овогодинешниот болид по разочарувачките сезони во V6 ерата. Тимот од Вокинг минатата година помина низ бројни внатрешни промени, кои очигледно за резултат имаат бројни позитивни последици
Новиот шеф на McLaren, Андреас Сејдл, е скромен по пофалбите за надградбите кои беа направени за трката во Шпанија, но вели дека е многу охрабрувачки да забележат знаци на напредок.
Ова е спротивно од 2018 година, кога речиси секој нов пакет имаше негативно влијание врз перформансите на болидот на McLaren.
„Најдоброто нешто кај болидот оваа година всушност е тоа што реагира на новите делови“, вели Сејдл. „Сите во тимот тврдат дека минатогодишниот болид едноставно не реагирал на промените, па ова е многу, многу позитивно. Тоа ни дава многу позитивна енергија за да продолжиме. Знаеме дека развојот во текот на сезоната ќе ја направи разлика во средината на табелата. Сакаме да имаме болид кој ќе биде подобар од трка во трка“.
И покрај тоа што во Барселона не пројдоа во Q3, Сејдл верува дека најновите надградби ја подобриле шасијата чии дефекти биле откриени во Кина.
„Видовме подобрувања во оној момент кога болидот излезе на патеката. Бројките кои ги имавме во фабриката се остварија и на патеката“, продолжува Сејдл. Болидот реагира добро на промените. Во Барселона бевме добри на делови од патеката кои што не мачеа во Кина. Се разбира, ние сме разочарани што не влеговме во Q3, но на крајот го видовме потенцијалот што го има болидот“.
Сејдл, кој се приклучи на McLaren претходно овој месец, тврди дека е премногу рано да се одлучи во кој правец ќе се развива тимот.
„Јас не сум тип на човек кој има одличен говор или брзи заклучоци. Во моментов, најважно е да го посветам моето време за да ја запознаам ситуацијата во Вокинг и да разберам како функционира тимот. После тоа, заедно со клучните луѓе во тимот, ќе развијам план за иднината. Важно е заедно со Зак Браун да направиме јасен план и слика за тоа како ги замислуваме следните неколку години. Новата регулација на правилате ќе биде одлична шанса за нашиот тим, а таквите големи предизвици ќе бидат мојата работа во следните неколку недели“, завршува Сејдл.