Jeep својата продажба на Европскиот пазар ја опишува како „сиромашна“ и се надева дека се ќе се смени оваа година кога ќе бидат презентирани нови модели

Во текот на 2017 година, Jeep во Европа продал 107.569 возила, што е само 2 проценти повеќе отколку во 2016 година. Продажбата во оваа година била пониска од очекуваната, бидејќи токму тогаш е презентиран новиот модел Compass, за кој во компанијата мислеле дека ќе ја зголеми продажбата. Сепак, промените биле минорни.

Подоцна оваа година, на Европскиот пазар доаѓаат обновените модели Cherokee и Renegade, а кон нив нешто подоцна ќе се приклучи и новиот Wrangler, што е главната причина овој производител на автомобили да се надева дека ќе дојде до зголемување на продажбата, односно вкупната бројка на продадени возила низ светот да достигне два милиони, што е голем чекор напред во споредба со минатата година кога биле продадени вкупно 1,4 милиони автомобили на глобално ниво.

Во едно интервју, шефот на одделот за Европа на Jeep, Џеф Хенс, вели дека минатогодишните резултати се „разочарувачки“ и за таквата ситуација вината ја бара во задоцнетото доаѓање на Compass во Европа, но додава дека 2018 година ќе биде „Jeep година“ на Стариот континент.