Во Германија почна да сообраќа првиот воз на водород
Возот може да извози околу илјада километри со еден резервоар полн со водород, сличен на оној кај дизел возовите
Во Германија, во сообраќај е пуштен првиот светски воз на водороден погон, со што оваа поскапа, но еколошки поприфатлива технологија се спротивставува на дизел возовите кои го загадуваат воздухот.
Два сини воза произведени од страна на францускиот Алстом своето прво патување го започнале на сто километри долгата траса помеѓу градовите Cuxhaven, Bremerhaven, Bremervörde и Bruxtehude во северна Германија.
„Првиот светски воз на водород влегува во комерцијална активност и е подготвен за производство“
– изјавил Хенри Поупарт-Лафарж, извршен директор на Алстом, на церемонијата во Bremervörde, на станицата на која возот ќе се полни со водород.
Од францускиот Алстом, велат дека планираат да испорачаат уште 14 возови на Долна Саксонија до 2021 година, но и на други германски држави кои ќе покажат интерес.
Водородните возови се опремени со ќелии кои со комбинација на водород и кислород произведуваат струја со водена пареа како единствен нуспроизвод. Вишокот на енергија се чува во литиум-јонски батерии во возот.
Возот може да извози околу илјада километри со еден резервоар полн со водород, сличен на оној кај дизел возовите.
Францускиот Алстом инвестира во технологија, која е позелена и потивка алтернатива на дизелот на неелектрифицирани пруги, што е многу привлечно за голем број на градови во Германија, кои се борат со загадувањето на воздухот.
„Се разбира, купувањето на возови на водород е поскапо од оние на дизел, но е поевтино за одржување“
– вели проект менаџерот на Алстом, Стефан Шранк.
За водородните возови, велат од Алстом, заинтересирани се и други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Холандија, Данска, Норвешка, Италија и Канада.
Француската влада веќе има донесено одлука дека до 2022 година трева да има возови на водород.