Веќе крунисаниот шампион меѓу возачите, Макс Верстапен стигна до нова победа на интересната трка за Големата награда на САД со која му помогна на својот Red Bull Racing на патот кон потврдување на шампионската титула во конкуренција на конструктори

Вo 19-та сезонска трка во Formula 1 шампионатот, Холанѓанецот ја постигна 13-та сезонска победа, а вкупно 33-та во кариерата. Верстапен низ целта помина со пет секунди предност пред Луис Хамилтон во Mercedes, а на подиумот им се придружи и возачот на Ferrari, Шарл Леклер.

Иако во поголемиот дел од трката се чинеше дека Верстапен рутински ќе слави, тој загуби 11 секунди за време на неговиот втор пит-стоп. Но со неверојатно возење и одлични маневри најпрво го надмудри Леклер кој имаше одлична трка откако стартуваше од 12-та позиција, а потоа и Хамилтон кого го спречи да ја забележи првата победа оваа сезона. На седум круга пред крајот, Верстапен го престигна Хамилтон кој извесно време потоа успеваше да парира, за да сепак во последните кругови го загуби темпото и се предаде.

 

Покрај битките кои Верстапен ги имаше со Хамилтон и Леклер, како и грешката на механичарите во Red Bull која донесе неизвесност во трката кога станува збор за победникот, трката во Остин ја одбележаа и неколку инциденти. Првиот беше виден веднаш по стартот, кога Џорџ Расел во Mercedes го удри возачот на Ferrari, Карлос Саинц Јуниор, кој се изврте на патеката. Шпанецот, кој стартуваше од пол-позицијата, успеа да стигне до боксот, но само за да се паркира болидот во гаражата поради претрпената штета во инцидентот.

Во 18-от круг, возачот на Alfa Romeo, Валтери Ботас имаше големо излетување по кое остана закопан во песокот покрај патеката. На патеката излезе возилото за безбедност кое потоа после само неколку круга откако се повлече од патеката, повторно беше активирано. Овој пат поради директниот судир на возачот на Alpine, Фернандо Алонсо и Ленс Строл во Aston Martin. Строл се чини доцна се обиде да ја брани позицијата поради што двократниот шамион беше како катапултиран. Алонсо не само што успеа да стигне до боксот и да се врати во трката, туку успеа да биде и еден од хероите, бидејќи го освои седмото место. 

Во центарот на вниманието беше уште еден светски шампион, Себастијан Фетел, кој дури и беше на чело од колоната пред да замине во боксот, кога тимот го чинеше подобра позиција, но со одлично возење и претекнувања стигна до осмото место.

Што се однесува до поредокот, возачите на подиумот ги следеше Серхио Перез во вториот болид на Red Bull, осум десетинки зад Леклер, кого го стигна во самиот финиш, но не успеа да го нападне. Расел беше казнет со 5 секунди за инцидентот со Саинц на стартот и заврши како шести, пред возачот на McLaren, Ландо Норис, кој брилијантно го престигна Алонсо во последните моменти од трката. Фетел во финишот го победи Кевин Магнусен во болидот на Haas, а последниот бод му припадна на возачот на Alpha Tauri, Јуки Цунода.

На три трки до крајот на сезоната, веќе новиот шампион, Макс Верстапен има 391 бод, Леклер е втор со 267, а нив ги следи Перес со 265.

Следната трка за ГН на Мексико се вози веќе следниот викенд.

2022 United States Grand Prix / РЕЗУЛТАТИ

2022 United States Grand Prix / RACE HIGHLIGHTS

2022 United States Grand Prix / ИЗЈАВИ ПО ТРКАТА

Макс Верстапен: Победа за Матешиќ!

По новиот успех, Верстапен изјави дека се изгледало одлично, се додека не остана предолго во боксот при вториот пит стоп.

„Беше тешко. Сè делуваше многу добро, но потоа останавме подолго во пит стопот отколку што би сакале. Морав одново да го најдам патот до првото место на патеката, но дадовме се од себе. Секако, ова е тежок викенд за нас и победата ја посветуваме на Дитрих Матешиц“, изјави по победата Макс Верстапен.

„Матешиќ беше клучниот човек за целиот тим. Ќе продолжиме да функционираме, но сите сакавме да постигнеме добар резултат за него“, доплни возачот на Red Bull.

Потсетување, сопственикот и ко-основач на Red Bull, Дитрих Матешиц, почина на 78-годишна возраст, а тажната вест ја објави Red Bull во пресрет на саботните квалификации за Големата награда на САД.

Матешиц го основа Red Bull во средината на 1980-тите, a оттогаш од производител на енергетски пијалоци направи глобален гигант. Red Bull сега е познат бренд во светот и активно e вклучен во спортот.

Австриецот го купи Jaguar во 2004 година од кога тимот се вика Red Bull, кој во последните 20 години е вториот најуспешен тим во Formula 1. Во 2010 година Red Bull се појави како нова велесила во Formula 1 откако ја освои двојната круна благодарение на триумфот на Себастијан Фетел на последната трка од шампионатот.

Истиот успех беше повторен и во следните три сезони, а тимот остана конкурентен и во тешките денови од почетокот на турбо-хибридната ера во 2014 година. Минатата година Red Bull се врати на врвот со првата шампионска титула на Макс Верстапен, а овој викенд во Остин тимот ја обезбеди и првата титула во конструктори по девет години или вкупно петта.